Најмалку 95 лица загинаа во поплавите предизвикани од невремето проследено со силен дожд во вторникот вечерта во Шпанија, каде е прогласена тридневна жалост по една од најтешките катастрофи во последните децении.
Најтешко погоден е регионот Валенсија, која денеска ќе ја посети премиерот Педро Санчез, кој најави помош за настраданите.
Валенсија е во состојба на хаос. Зградата на судот во градот Валенсија е претворена во привремена мртовечница, а се стравува дека бројот на загинатите ќе продолжи да расте. Најмалку 40 луѓе загинаа само во Паипорта во Валенсија.
Во меѓувреме, во Шпанија се зголемуваат обвинувањата дека во многу случаи службите за помош при катастрофи реагирале премногу бавно кога станува збор за предупредувањата, што значи дека луѓето немале време да излезат од патиштата или да стигнат до повисоките места.
Агенцијата за цивилна заштита не издаде предупредување до 20:15 часот по локално време, но дотогаш Чива и неколку други градови беа поплавени најмалку два часа.
Некои дури наведуваат дека предупредувањата до јавноста дошле повеќе од 12 часа откако метеоролошката агенција ги издаде предупредувањата.
Во регионот на Валенсија во моментов без струја се околу 155.000 потрошувачи. Владиниот делегат во Валенсија, Пилар Бернабе, предупреди дека бројот на загинати се очекува да се зголеми, додека воената единица за итни случаи распоредила повеќе од 1.000 припадници во овој регион.
Цивилната гарда соопшти дека распоредила 750 агенти и извршила 2.500 спасувачки операции. Властите потврдија дека 92 лица загинале во провинцијата Валенсија, едно во провинцијата Малага и две во Кастиља-Ла Манча. Поплавите предизвикаа големи прекини во железничкиот и воздушниот сообраќај низ јужниот и источниот дел на Шпанија.
„Се соочуваме со ситуација без преседан“, изјави денеска за новинарите шефот на регионалната влада на Валенсија, Карлос Мазон.
Водата поплави многу места во провинцијата Валенсија, дом на повеќе од 5 милиони жители, а поројот однесе автомобили и блокираше патишта.
За време на невремето дојде до колапс на мобилните мрежи и фиксната телефонија.
Локалните власти известија дека 5.000 автомобили со 1.200 луѓе биле блокирани на патиштата низ провинцијата Валенсија.
Возот од Валенсија до главниот град Мадрид нема да сообраќа до недела, а невремето досега оневозможи железничко патување за 24.000 патници во провинцијата на брегот на Средоземното Море.