Најмалку девет лица загинаа, меѓу кои и дете, а 2.800 се повредени во голема експлозија на пејџери во Бејрут и неколку други области во Либан, потврди либанскиот министер за здравство Фирас ал-Абјад.
Тој истакна дека 200 повредени лица се во критична состојба, пренесува Ројтерс.
Меѓу повредените има борци и медицински лица на Хезболах, а иранските медиуми јавија дека полесно е повреден и амбасадорот на Иран во Либан, Мојтаба Амани.
Сè уште нема официјална изјава од Иран во врска со ова тврдење.
Либанската група Хезболах потврди дека едно дете и двајца нивни членови загинале во голема експлозија, а многу други се повредени.
„Околу 15:30 часот по локално време експлодираа неколку пејџер уреди што ги користеа различни членови на единици и институции на Хезболах“, се вели во соопштението на групата.
Хезболах не даде повеќе детали за експлозиите или кој би можел да стои зад нападот.
Неименуван функционер на Хезболах рече дека детонирањето на пејџерите е „најголемото нарушување на безбедноста“ што и се случило на милитантната група во речиси една година војна со Израел.
Според официјалната либанска агенција ННА, експлозиите се предизвикани од Израел.
„Невиден непријателски безбедносен инцидент се случи во јужните предградија на Бејрут и многу региони на Либан. Израел предизвика експлозија на системот за пејџери користејќи висока технологија. Има многу ранети кои се префрлени во болници“, објави ННА.
Мештаните велат дека последната експлозија се случила 30 минути по првата, додека некои од нив се обидувале да откријат дали меѓу повредените има и членови на нивните семејства.
На социјалните мрежи беа објавени видеа од експлозиите додека сопствениците носеле пејџери.
На видеото се гледа дека сопствениците ги зеле пејџерите во раце кога уредите дале сигнал и во тој момент тие експлодирале.
Министерството за здравство на Либан ги повика сите здравствени работници да се јават на работа за да помогнат во примањето на повредените.
Министерството за здравство побара од Либанците да даруваат крв. Тие побараа од вработените и граѓаните да не користат пејџери и да ги фрлаат.
Десетици амбулантни возила се движат по улиците на главниот град Бејрут, а либански војници се распоредени на улиците за да го елиминираат хаосот и сообраќајниот метеж во градот.
Масовната експлозија дојде во време на размена на прекугранични напади меѓу Хезболах и Израел во позадина на бруталната израелска офанзива на Појасот Газа во која загинаа повеќе од 41.200 луѓе, главно жени и деца, од 7 октомври минатата година.