Планот ќе биде разгледан на дводневната средба во Брисел по повод одбележувањето на 75-годишнината од НАТО / Photo: Reuters

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предложи петгодишен пакет воена помош за Украина во вредност од 100 милијарди евра, со кој Aлијансатa ќе му даде подиректна поддршка на Киев, потврдија пет неименувани дипломати.

Планот ќе биде разгледан на дводневната средба во Брисел по повод одбележувањето на 75-годишнината од НАТО и подготовката за самитот во Вашингтон во јули кога би можел да биде усвоен предложениот пакет.

Состанокот ќе покаже колку се спремни европските сојузници да ги поддржат воените напори на Киев против Русија во време кога во американскиот Конгрес е блокиран пакетот воена помош од 60 милијарди долари.

Според плановите, НАТО ќе ја преземе координацијата од Рамштајн групата, ад хок коалиција предводена од САД во случај Трамп да ја прекине воената помош за Украина доколку повторно стане претседател на САД.

Досега НАТО како организација се ограничуваше на испраќање несмртоносна помош за Украина поради страв дека подиректна улога може да предизвика ескалација на тензиите со Русија.

Повеќето земји од НАТО обезбедуваат оружје за Украина на билатерална основа, но неименувани дипломати велат дека постои сѐ поголем договор во западната воена алијанса дека е дојдено време да се зголеми воената помош за Украина на долгорочна основа, а НАТО е најдобро поставен да преземе повеќе од таа улога.

Дипломатите предупредуваат дека разговорите за предлогот се во рана фаза и дека не е јасно дали пакетот за воена помош од 100 милијарди евра ќе биде прифатен и како ќе се финансира. Одлуките во НАТО се носат со консензус на 32 членки.

AA
Популарни