Премиерот Нетанјаху е подготвен да преговара со Хезболах, но дел од кабинетот не се согласува  / Фото: AA

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даде зелено светло за привремен прекин на огнот со Хезболах во Либан, објавија денес израелските медиуми.

Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и девет други земји ги повикаа Израел и Хезболах да се согласат на 21-дневен прекин на огнот.

Израелскиот Канал 12, цитирајќи официјален претставник на кабинетот на Нетанјаху, рече дека има „зелено светло за прекин на огнот“ со Хезболах за отворање на патот за преговори.

Сепак, неколку министри од израелскиот кабинет изразија противење на каков било предложен прекин на огнот со Хезболах.

Министерот за спорт, Мики Зохар, секој прекин на огнот со либанската група го нарече „тешка грешка што ги загрозува големите безбедносни достигнувања што Израел ги направи во изминатите денови“.

Министерот за дијаспора, Амичаи Чикли, побара од армијата да започне копнена инвазија во Либан за да воспостави, како што рече, „тампон зона“.

Крајно десничарскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, од своја страна, рече дека битката на северот мора да заврши со „уништување“ на Хезболах.

Израел врши напади врз Либан од понеделникот утрото поради ескалација на прекуграничните судири со Хезболах.

Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.

Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.

AA
Популарни