Инспекторите го приведоа отповикуваниот претседател во неговата резиденција во главниот град Сеул / Фото: AFP

Отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол е приведен синоќа од полицијата во втор обид и е на сослушување, што претставува прво приведување во историјата на актуелен лидер на земјата. Тој се предаде на органите на прогонот за како што наведе „да спречи крвопролевање“.

Јун (63) беше приведен 43 дена откако ја шокираше нацијата на 3 декември со воведувањето воена состојба, која Парламентот ја поништи по неколку часа.

Тој е обвинет за бунт и предавство, а Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери се очекува „да побара налог за формално притворање во рок од 48 часа“.

Инспекторите го приведоа отповикуваниот претседател во неговата резиденција во главниот град Сеул.

Налогот за апсење беше спроведен во 10:33 часот по локално време од страна на Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери.

Тој набрзо беше однесен во канцеларијата во Гвачеон, јужно од главниот град Сеул, а формалното испрашување, во присуство на адвокатите на Јун, започна во 11:00 часот по локално време.

Се очекува властите да го приведат Јун во истражниот затвор во Сеул во Ујванг, по сослушувањето.

Додека траеше испрашувањето, Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери рече дека Јун одбил да сведочи за објавувањето воена состојба.

Драматичен пресврт на настаните

Приведувањето на Јун е проследено со драматични случувања од почетокот на овој месец кога претседателската служба за безбедност ги блокираше истражителите да го уапсат лидерот.

Тоа е првпат во историјата на Јужна Кореја судот да издаде налог за апсење на актуелен претседател.

Тој, исто така, се соочува со забрана за патување, прва во историјата на земјата против актуелен претседател.

Обидот на 3 јануари да се приведе Јун резултираше во петчасовен судир меѓу владините агенции, а подоцна инспекторите се вратија со празни раце.

Сепак, Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери обезбеди продолжување на налогот до 21 јануари и формираше заедничко тело со полицијата за извршување на налогот.

Околу 3.200 полицајци беа мобилизирани за да обезбедат пристап до претседателскиот комплекс кој се наоѓа во подножјето на планината Маебонг.

Како што се очекуваше, заедничкиот тим на истражители започна рација пред зори во резиденцијата на Јун, во која имаше физички судир бидејќи претседателското обезбедување првично го блокираше влезот на тимот за приведување.

Најмалку едно лице е хоспитализирано поради повреда.

Попуштање за да „избегне крвопролевање“

По седумчасовната рација, истражителите го приведоа Јун, кој објави и видеопорака, нарекувајќи го неговото приведување „незаконско“.

„Ова го правам за да се избегне крвопролевање“, рече Јун пред да ја напушти својата резиденција.

Многумина предупредија на физички судир меѓу претседателското обезбедување и заедничкиот тим истражители за време на вториот обид за приведување.

„За да спречам несреќен и насилен инцидент, решив да се појавам пред Канцеларијата за истраги за корупција, иако верувам дека истрагата е незаконска“, рече Јун.

Додека некои се обидоа да го блокираат апсењето на Јун, стотици други го поддржаа предлогот на Парламентот за импичмент, во кој 204 од вкупно 300 пратеници гласаа за смена на Јун на 14 декември.

Оттогаш, Јун останува суспендиран од функцијата и се соочува со судење во Уставниот суд, кој има рок до шест месеци да одлучи за импичментот на Парламентот.

Тој одби да присуствува на првото задолжително усно судење во вторникот, стравувајќи од приведување.

Претходно, судот во Сеул издаде налог за негово приведување, откако Јун веќе одби да прифати три покани од истражителите.

Ако највисокиот суд одлучи против предлогот на Парламентот, Јун брзо ќе биде вратен на функцијата.

Меѓутоа, ако барањето за импичмент биде потврдено, Јун ќе биде сменет, а претседателските избори треба да се одржат во рок од два месеци од датумот кога Уставниот суд ќе ја објави својата пресуда.

Со државните работи, во отсуство на Јун, раководи вршител на должноста претседател од неговиот Кабинет.

AA
Популарни