Полска: Украина и Европа ќе излезат како победници со или без Германија / Photo: AA

Украина и Европа ќе излезат како победници во војната што Москва ја води против Киев со или без Германија, истакна полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

„Се обидувам да ги одмерам моите зборови, но ќе кажам отворено, Украина и Европа ќе ја добијат оваа војна - со или без Германија“, изјави Моравјецки за Полската новинска агенција (ПАП), додавајќи дека од Берлин зависи дали ќе се приклучи на мисијата за запирање на Русија или пасивно ќе гледа, што, како што рече, ќе предизвика осуда што е на погрешната страна на историјата.

Коментарите на Моравјецки дојдоа по состанокот на Контакт-групата за Украина во петокот во Воздухопловната база Рамштајн, Германија, каде сојузниците на Киев ветија понатамошна воена поддршка за земјата, но не успеаја да донесат одлука за испраќање на борбени тенкови.

„Помина речиси една година од избувнувањето на војната... Доказите за воените злосторства на руската војска може да се видат на телевизија и на Јутјуб. Што повеќе ѝ треба на Германија за да ги отвори очите и да почне да дејствува согласно со потенцијалот на германската држава“, рече полскиот премиер, нарекувајќи ја позицијата на Германија „неприфатлива“.

Моравјецки истакна дека Германија не мора да ги даде сите свои ресурси, и дека само мал процент би било напредок, додавајќи дека Берлин „не треба да ги ослабува или саботира активностите на другите земји“.

Тој, исто така, рече дека Полска тесно соработува со САД и изградила коалиција од европски држави за поддршка на Украина, но истакна дека кога работите почнале да се подобруваат во однос на тешкото оружје за Украина, „Германија предизвика сомнежи“.

„Непријателот е на исток и ние губиме време на дискусии кои не даваат ништо добро“, рече Моравјецки, и додаде дека Германија паднала во замката што самата ја создала низ годините поради барањето поблиски врски со Москва.

Се зголемува притисокот врз Германија да ѝ испрати на Украина борбени тенкови „Леопард 2“, но Берлин досега се дистанцира од какви било ветувања за прашањето. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус истакна дека земјата се обидува да ги балансира „сите добри и лоши страни“ на испораката.

Одредени земји, како Полска и Финска, ветија дека ќе испратат свои тенкови „Леопард 2“ од германско производство во Украина, но за тоа бараат дозвола од Берлин.

TRT Balkan / агенции
Популарни