Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Москва ќе направи сѐ што е можно за да ја продлабочи интеграцијата во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), при што земјата го презема претседавањето со блокот по втор пат од нејзиното основање во 2014 година.
„Ќе направиме сѐ што е можно за понатамошно продлабочување на интеграцијата во сите области – во политичката, економската, индустриската, финансиската и технолошката сфера. Во таа насока, сметаме дека е адекватно заеднички да го оцениме напредокот во спроведувањето на сегашните стратешки насоки за развој на Евроазиската економска интеграција до 2025 година“, изјави Путин, се наведува во соопштението на Кремљ.
Путин рече дека блокот, исто така, мора да започне со подготовка на нови долгорочни плански документи кои ќе ја одредат мапата на патот на интеграција.
„Развојот на ЕАЕУ во изминатите години и нејзината блиска интеграција станаа „достоен одговор на глобалните проблеми како што се сиромаштијата, климатските промени, недостигот на ресурси... кои се влошија поради пандемијата и примената на нелегитимни санкции од голем број земји“, рече рускиот претседател.
„Евроазиската економска унија ги има сите можности да стане еден од моќните, независни, самодоволни полови во еден мултиполарнен свет, да биде центар кон кој би тежнееле сите независни држави кои ги споделуваат нашите вредности и бараат соработка“, истакна Путин.
Рускиот лидер рече дека технологијата, дигиталниот напредок, агро индустријата, енергијата, намалувањето на употребата на странски валути и платните системи во трговијата, економската конкурентност, транспортот и логистиката, вработувањето и меѓународната соработка се клучни за понатамошниот развој на интеграцијата во ЕАЕУ и зајакнување на важноста на блокот.
„Повеќе од еден милениум, нашите народи живееја заедно и заеднички го истражуваа својот географски простор. Заедничкото разбирање на историската судбина, свеста за вековната економска поврзаност, зачувувањето и зајакнувањето на културната и социјалната заедница на народите од земјите на Унијата е клучот за успехот на сите наши активности“, додаде тој.
Основан во 2014 година од лидерите на Белорусија, Казахстан и Русија, ЕАЕУ е евроазиски економски блок составен од пет пост-советски држави на кој во 2015 година им се приклучија Ерменија и Киргистан.
Русија го доби претседавањето со блокот по втор пат на 1 јануари, заменувајќи го Киргистан.