Шпанската полиција растури голема нарко операција на соработници на мексиканскиот криминален картел Синалоа, што претставува една од најголемите операции од ваков вид на европско тло.
Во акцијата на шпанските власти запленети се 1.8 тони „кристален мет“. Уапсени се пет лица, меѓу кои и еден државјанин на Мексико, кој се сомничи дека ја водел целата операција за шверц и пласирање на наркотиците во Европа.
Според Антонио Мартинез Дуарте, шеф на полициската единица за трговија со дрога и организиран криминал, групата користела куќи во изолирани области во регионот на Валенсија за складирање на шверцуваните пратки со метамфетамин и користела возила со лажно дно кои ги испраќала во други европски земји.
Синалоа картелот е еден од најбруталните во трговијата со наркотици и е меѓу првите од Мексико кој започна глобална операција за контрола на нарко пазарот. Нејзиниот поранешен водач Хоакин „Ел Чапо“ Гузман беше екстрадиран во САД каде одлежува доживотна затворска казна.
Сепак, полицијата на Шпанија смета дека ваков вид на нарко операции не се постојани на европско тло и дека се работи за поединечни обиди за пренос и трговија со големи количини на наркотици.