Руското Министерство за одбрана денес објави дека Украина синоќа го нападнала регионот Брјанск со шест балистички ракети АТАКМС од американско производство.
Како што се наведува во соопштението на Министерството, пет проектили биле соборени од руските системи за противвоздушна одбрана, а шестиот бил оштетен и паднал на територијата на воен објект во областа Брјанск, предизвикувајќи пожар.
„Пожарот е изгаснат и нема жртви“, соопшти Министерството.
Претходно украинскиот Генералштаб објави дека ракетите АТАКМС погодиле воено складиште во руската област Брјанск, кое се наоѓа на околу 115 километри од границата.
Брајан Николс, американскиот помошник-државен секретар за прашања на западната хемисфера, денес ги потврди медиумските извештаи дека претседателот Џо Бајден ѝ дозволил на Украина да користи американско оружје со долг дострел во Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот одобри ажурирана нуклеарна доктрина, велејќи дека Москва би можела да размисли за употреба на нуклеарно оружје доколку е предмет на конвенционален ракетен напад поддржан од нуклеарна сила.
Одлуката за промена на официјалната руска нуклеарна доктрина е одговорот на Кремљ на објавената одлука на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да и дозволи на Украина да истрела американски ракети со долг дострел длабоко во Русија.
Ажурираната доктрина, која ги прикажува заканите што ќе го натераат руското раководство да размисли за нуклеарен напад, вели дека нападот со конвенционални ракети, беспилотни летала или други авиони може да се смета за исполнување на овие критериуми.