Самитот на Групата Г7 започна денес во Јапонија по заедничката посета на музејот во Хирошима, посветен на првиот нуклеарен напад во светот извршен од Соединетите Американски Држави во 1945 година.
Домаќин на самитот е јапонскиот премиер Кишида Фумио, а присуствуваат американскиот претседател Џо Бајден, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Џастин Трудо, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак, германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
И лидерите на Австралија, Индија, Индонезија и Јужна Кореја се поканети да присуствуваат на самитот.
Според агендата, лидерите на Г7 ќе разговараат за руско-украинската војна, нуклеарното разоружување, климата и енергијата, храната, здравјето, човековите права, дигитализацијата и науката и технологијата.
„За победата на Украина и враќањето на мирот заснован на законот. За солидарноста што ја должиме на населението што се бори против сиромаштијата. Да дадеме пример и да ги поддржиме нашите партнери кои се посветени на планетата“, објави Макрон на Твитер.
Според јапонските медиуми, на самитот, што ќе трае до недела, се очекува лично да учествува и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Лидерите на Г7 заедно за прв пат го посетија Меморијалниот парк на мирот, музеј лоциран во Хирошима.
Првата атомска бомба што САД ја фрлија врз Хирошима на 6 август 1945 година, во истиот момент загинаа околу 70.000 луѓе, додека илјадници други загинаа во следните години од ефектите на радијацијата.
„Она што се случи во Хирошима продолжува да го прогонува човештвото. Овде се сеќаваме на ужасната цена на војната. И се потсетуваме на нашата должност да го зачуваме мирот“, објави Фон дер Лајен на Твитер.
Пред самитот, Европската Унија и Велика Британија објавија планови за санкционирање на увозот на руски дијаманти.
„Да се обезбеди победата за Украина е најважното нешто што можеме да го направиме за глобалниот мир и безбедност. Забрануваме секаков увоз на руски дијаманти, бакар, алуминиум и никел. Санкциите имаат јасно влијание врз деградирањето на воените напори на Путин“, изјави британскиот премиер Риши Сунак.