Шеснаесет лица, вклучително и министерот за внатрешни работи на Украина и други високи претставници на министерството загинаа во средата кога хеликоптер се урна пред Киев во градот Бровари, изјави началникот на националната полиција.
„Вкупно, во моментов се знае дека загинале 16 лица“, рече шефот на националната полиција, Игор Клименко. Меѓу загинатите има неколку високи функционери на Министерството за внатрешни работи, вклучително и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, рече тој.
„Во градот Бровари, хеликоптер падна во близина на градинка и станбена зграда“, објави на Телеграм шефот на регионалната администрација во Киев, Олексеј Кулеба.
„Во моментот на трагедијата во градинката имало деца и вработени“, додаде тој.
Тој рече дека лекарите и полицијата работат на местото на настанот.
Градот Бровари се наоѓа на околу 20 километри североисточно од Киев.
Две деца се меѓу загинатите, а 10 повредени се пренесени во болница, рекоа официјалните лица.