Швајцарија: Маж вооружен со мачета повреди пет лица / Photo: AA Archive

Маж вооружен со мачета нападна неколку лица во зградата во која живее во Североисточна Швајцарија и повреди пет лица, меѓу кои и едно бебе, соопшти денес полицијата.

Во полицијата во градот Сент Гален инцидентот бил пријавен околу 21:30 часот синоќа. Осомничениот 34-годишен Швајцарец нападнал трудница додека доаѓала во посета кај татко ѝ, кој живеел во зградата. Нејзиниот 66-годишен татко е тешко повреден бидејќи притрчал да ѝ помогне.

„Соседите што забележале што се случува го испратиле напаѓачот надвор од зградата, при што ранил 31-годишна станарка и нејзиното тримесечно бебе“, соопштија од полицијата.

Соседите успеале да го совладаат напаѓачот додека не дошла полицијата и го уапсила, а рането е уште едно лице што се обидело да помогне.

„При инцидентот осомничениот се повредил“, соопшти полицијата, додавајќи дека никој не е во животозагрозувачка состојба.

Во станот на осомничениот инспекторите пронашле запалива течност и гас и ја евакуирале зградата. Од полицијата велат дека од порано знаат дека напаѓачот имал психички проблеми.

AA
Популарни