Швајцарија запре прием на бегалци на кои им е потребна посебна заштита / Photo: AA

Швајцарската министерка за правда Карин Келер-Сатер привремено ја суспендираше програмата за преселување на бегалците на кои им е потребна посебна заштита.

Министерството за правда како причина го наведе тоа што се исцрпени капацитетите за азил, пишува интернет сајтот „Нау.цх“.

Се наведува дека програмата за преселување е прекината од 30 ноември и дека ќе се преиспита на пролет.

Според податоците на Секретаријатот за миграција (СЕМ), 800 бегалци се засегнати со одлуката и засега не можат да влезат во земјата.

Во рамките на програмата за преселување усвоена во мај 2021 година, Швајцарија се согласи трајно да прифати 1.820 бегалци во многу несигурни ситуации во текот на 2022 и 2023 година. Швајцарија веќе прими околу 1.000 луѓе во рамките на оваа програма.

„Поради војната и ненадејното зголемување на барањата за азил кон крајот на летото, системот за азил беше под голем притисок, особено во однос на сместувачките капацитети и персоналот“, наведува СЕМ на својата веб-страница.

Швајцарија оваа година прими 70.000 бегалци од Украина. Дополнително, до крајот на годината би имало вкупно 25.000 барања за азил од другите земји.

На веб-страницата на СЕМ исто така може да се види и дека швајцарската федерална Влада го суспендирала приемот на бегалски групи според слични програми во 1990-тите, кога многу бегалци од поранешна Југославија пристигнаа во Швајцарија.

TRT Balkan / агенции
Популарни