Силен земјотрес со интензитет од 7 степени по Рихтер денес погоди делови од главниот индонезиски остров Јава и туристичкиот остров Бали.
Земјотресот предизвика паника меѓу населението и туристите, но засега нема информации за евентуални жртви или сериозна материјална штета.
Американскиот геолошки завод соопшти дека епицентарот на земјотресот се наоѓа 96,5 километри северно од Тубан, крајбрежен град во провинцијата Источна Јава, на длабочина од 594 километри.
Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика соопшти дека нема опасност од цунами, но предупреди на можни последователни потреси.
На видеоснимките што кружат на социјалните мрежи се прикажани испаничените локални жители и туристи во соседните провинции Централна Јава, Јогјакарта и Бали, додека куќите и зградите се нишаат неколку секунди. На некои места е наредена евакуација.
Земјотресите се честа појава во Индонезија бидејќи таа се наоѓа во чувствителната зона именувана како „Пацифички огнен прстен“, каде што се наоѓаат 40 % од активните вулкани.