Сината птица „одлета“, Икс е новото лого на Твитер / Photo: AA

Илон Маск го претстави новото црно-бело „Х“ лого што ќе ја замени познатата сина птица на Твитер, додека продолжува големото ребрендирање на платформата на социјалните медиуми што минатата година ја купи за 44 милијарди долари.

Препознатливата сина птица, која од 2006 година беше заштитен знак на Твитер, замина во историјата.

Култното лого со сина птица, кое беше инспирирано од името на платформата, а симболизираше слобода и комуникација, сега е заменета со ново лого- бела буква „Икс“ (Х) на црна позадина, како дел од поширокото ребрендирање што во неделата го најави извршниот директор Илон Маск.

„И наскоро ќе се поздравиме со брендот на Твитер и, постепено, со сите птици“, напиша Маск на својот профил во неделата. Тој ја смени и својата профилна слика со новото лого на компанијата.

Маск рече дека логото е „минималистичко арт деко“ и дека „X.com“ сега ќе води до twitter.com.

Прашан како ќе се нарекуваат отсега „твитовите“, Маск одговори: „Иксови“ (X's).

Пред да го купи Твитер за 44 милијарди долари со преземање во октомври 2022 година, Маск рече дека купувањето на компанијата е дел од забрзувањето на неговата амбиција да создаде „апликација за сè“ што тој ја нарекува „Х“.

Откако го купи Твитер, Маск ја именуваше матичната компанија X Corporation. Компанијата за развој на ракети на милијардерот, Space Exploration Technologies Corp, е попозната како SpaceX. Маск исто така го основа „Пејпал“ (PayPal) во 1999 година како стартап наречен X.com.

TRT Balkan / агенции
Популарни