Македонија во втората фаза на СП 2025 ја чекаат уште два натпревари, против селекциите на Катар и Франција / Photo: Reuters

Македонските ракометари одиграа реми на натпреварот против Австрија 29:29 (14:13), на стартот на втората фаза на Светското првенство во Хрватска, Норвешка и Данска.

Ова беше изедначен меч во кој двата тима имаа периоди на добра игра и серии со кои се менуваа во водство и изедначуваа. Ниту еден тим не направи разлика поголема од три гола, а тоа беше и за очекување со оглед на сличниот квалитет.

Во салата во Вараждин нема многу публика како на првите три средби на коишто играше нашиот национален тим, но играчите имаа поддршка од малубројната Фаланга, која и денеска беше нивен осми играч.

Македонскиот тим добро го отвори натпреварот, поведе со 3:1, постојано имавме предност, највисоката беше три гола (7:4 во 16-тата минута), но тогаш Австрија направи серија од 3-0 и изедначи.

На серијата од 3 -0 им вративме со иста мерка, па дојдовме и на 10:7 на осум минути до крајот на првото полувреме. Се играше на бранови, Австрија пак израмни, па и поведе со 12:11, па селекторот Лазаров побара тајмаут.

Во финишот двата тима дадоа по два гола и на одмор се оди со 14:13 за противникот.

Во вториот дел долго време се играше гол за гол и беше јасно дека судбината на средбата ќе се решава во финишот и дека ќе одлучуваат нијанси и моменти.

На две минути до крајот при 27:27, Кузмановски не реализираше седмерец.

Во следниот напад Австријците изнудија пенал и погодија за 28:27. Митев изнедначи на почетокот на последната минута. Примивме гол на 4,5 секунди до крајот, но Кузмановски со извонреден гол не дозволи пораз и ни донесе радост.

Македонија 10 години нема победа на светските првенства против европска селекција. Пред една деценија на шампионатот во Катар падна Австрија.

Најефикасен во нашиот табор беше Марко Митев со шест реализации, колку што имаше и Лукаш Хутечек. Во Македонија одличен беше и Пешевски со пет гола, додека четири даде капитенот Кузмановски.

Искусниот голман Николче Митревски играше со зголемена телесна температура, издржа во првиот дел, а потоа му ја препушти шансата на Кизиќ.

„Имавме водство и од три гола разлика во првото полувреме, можеби ако ја задржевме, ќе имавме можност и за победа. Имаше падови и подеми и кај двете селекции, на крајот ние имавме седмерец, тие поведоа, а ние и за четири секунди успеавме да израмниме. Сега останува да се опоравиме од настинките кои нѐ нападнаа и одиме на победа против Катар“, изјави голманот Николче Митревски.

Македонија во втората фаза на СП 2025 ја чекаат уште два натпревари, против селекциите на Катар и Франција.


TRT Balkan / агенции
Популарни