Жителите во Појасот Газа сѐ повеќе се соочуваат со голем недостиг на храна поради израелските напади што траат веќе девет месеци.
Репортерскиот тим на Анадолу сними потресни сцени од жени и деца што бараат храна во Појасот Газа, каде што смртните случаи поврзани со глад се во пораст.
За време на израелските напади, мажите во регионот се обидуваат да им помогнат на луѓето заробени под урнатините на уништените куќи, а жените и децата минуваат часови барајќи храна во ѓубрето и на полињата.
Палестинка, која бара храна со своите деца, изјави дека се наоѓаат во тешка и безизлезна ситуација, го обвини целиот свет, особено арапските и муслиманските земји дека се однесуваат нехумано и неодговорно кон Газа.
„Им се обраќам на сите Арапи, на сите Палестинци, на секоја земја и на секој човек што не гледа што се прави со овие деца? Кому му се препуштени? Зар ова не е срамота за нивните животи? Нивните домови се во урнатини, насекаде е присутен очај, а им се закануваат болести. Кому му се препуштени овие деца? Секој човек што ќе ги погледне овие деца и не кажува ништо, каква му е одговорноста за тоа?“, рече оваа Палестинка.
Таа повтори дека гладот сѐ повеќе им се заканува на жителите на Газа што се изложени на бруталните израелски напади.
„Кому му се препуштени овие деца? На секој човек што ги игнорира. Дали сте слепи? Каде сте луѓе? Тоа што му се случува на овој народ е срамота, голем срам! Како ќе му одговорите на Алах за овие деца? Апелираме до вас, до секоја арапска земја, до секоја муслиманска земја што вели: 'Нема бог освен Алах, Мухамед е пратеник на Алах', само погледнете ги овие деца, апелираме до секоја земја“, рече Палестинката.
Едно од момчињата рече дека мора да бараат храна во ѓубрето за да преживеат во тешките услови.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 38.700 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 89.000 се ранети.
Повеќе од девет месеци по израелскиот напад големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива на 6 мај.