Ердоган верува дека историскиот мир е можен, рече Фидан во Бејрут на заедничката прес-конференција со либанскиот колега Абдалах Бухабиб / Photo: AA

Освен ризикот да доведе до повеќе конфликти, сегашниот конфликт меѓу Израел и Палестина, исто така има потенцијал да донесе историски мир, изјави во вторникот турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

„Од оваа војна би можеле да произлезат поголеми војни, но може да доведат и до историски мир. Нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган верува дека историскиот мир е можен“, рече Фидан во Бејрут, главниот град на Либан на заедничката прес-конференција со либанскиот колега Абдалах Бухабиб.

Фидан истакна дека „хегемонистичките сили“ го користеле медиумското влијание за да ја прикријат вистинската природа на израелско-палестинското прашање со години и истакна дека сега е време да се стави крај на тоа.

„Сега е време меѓународната заедница да преземе сериозни чекори кон решение за две држави засновано на границите од 1967 година со Источен Ерусалим како главен град на државата Палестина“, додаде тој.

Тој исто така посочи дека мирот нема да завладее во регионот се додека формирањето на државата Палестина се одложува.

„Со години предупредуваме за тоа. Ве молиме внимавајте на предупредувањата што ги испраќаме“, рече Фидан.

Тој нагласи дека Туркије прави максимални напори да спречи ескалација на војната што може да го погоди целиот регион, вклучувајќи ги Либан, Египет и Јордан.

„Окупирате нечија земја. Му ја заземате куќата, ги бркате, носите некого и го ставате таму, го нарекувате „доселеник“. Тоа се вика кражба“, рече Фидан.

Тој нагласи дека е потребно да се направи сѐ за да не биде погодено цивилното население.

„Разговараме за мерки за да се запре оваа драма во Газа и да се осигураме дека цивилното население нема да биде погодено. Ние сме во близок контакт со земјите во регионот, особено во однос на испораката на хуманитарна помош за населението во Газа“, додаде тој.

Фидан нагласи дека официјална Анкара ќе продолжи со напорите за воспоставување траен мир во регионот.

Според последните информации, најмалку 2.848 Палестинци, меѓу кои 750 деца, се убиени во израелските воздушни напади во Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Газа се соочува со хуманитарна криза без струја, додека останува без вода, храна, гориво и медицински материјали.

Цивилите бегаат на југ по израелското предупредување да ги евакуираат северните области.

Борбите започнаа кога Хамас започна повеќекратни ненадејни напади на 7 октомври, кои вклучија бројни ракетни напади и упади во Израел по копно, море и воздух.

Хамас рече дека нападите биле одмазда за упадите во џамијата Ал Акса и зголемувањето на насилството од израелските доселеници.

Како одговор, израелската војска започна операција против цели на Хамас во појасот Газа. Во судирите загинаа повеќе од 1.400 Израелци.

AA
Популарни