Уништувањето на шумите во бразилска Амазонија опадна за 34 отсто во првата половина на 2023 година, покажаа прелиминарните владини податоци. Ова е најниско ниво во последните четири години бидејќи претседателот Луис Инасио Лула да Силва воведе построги политики за животната средина.
Според податоците на бразилската национална агенција за вселенски истражувања ИНПЕ, за половина година во тој регион се уништени 2.649 квадратни километри шума, што е најмалку од 2019 година.
Сепак, тоа е површина повеќе од три пати поголема од Њујорк, што го нагласува предизвикот со кој се соочува Лула целосно да го елиминира уништувањето на шумите.
“Ова е многу позитивно, но сепак имаме многу високо ниво на уништување на шумите, изјави Даниел Силва”, аналитичар на непрофитната организација WWF-Brasil.
Лула ја презеде функцијата во јануари, ветувајќи дека ќе стави крај на уништувањето на шумите до 2030 година, по напливот на уништување за време на мандатот на неговиот претходник, Жаир Болсонаро, кој ги намали напорите за заштита на животната средина. Поранешниот лидер на екстремната десница повика на интензивирање на земјоделство и рударство на заштитените земји, велејќи дека тоа ќе го извлече регионот од сиромаштија.
Министерката за животна средина Марина Силва на брифинг со новинарите рече дека намалувањето на сечењето на шумите е директен резултат на владата на Лула што брзо ги зголемува ресурсите за заштита на животната средина.
“Правиме максимални напори за да се осигураме дека нашиот план против уништување на шумите е веќе во полн ек. Ова е резултат на нашите вонредни мерки”, рече Силва.
Само во јуни сателитските податоци на ИНПЕ покажаа дека се исчистени вкупно 663 квадратни километри шума, што е намалување за 41 отсто во однос на истиот месец пред една година.
Останува нејасно дали годишното уништување на шумите ќе се намали, бидејќи од јули до септември е врвот на уништувањето на шумите и пожарите.