Најмалку пет лица загинаа во бурата Берт, која викендов ја погоди Велика Британија, додека повеќе од 200 метеоролошки предупредувања остануваат на сила во Англија и Велс.
Националната метеоролошка агенција соопшти дека се очекуваат дополнителни прекини во сообраќајот поради дожд, поплави и ветер, кој дува со брзина до 132 км/ч.
Стотици домови и патишта беа поплавени, голем број домаќинства останаа без струја, а летовите и возовите беа одложени или откажани.
Градот Понтиприд, во јужниот дел на Велс, од вчера е во состојба на готовност поради поплавите предизвикани од бурата Берт, а жителите се евакуирани.
Една од жртвите, маж на 80-годишна возраст почина откако неговиот автомобил влета во вода во Ланкашир, северозападна Англија, во неделата.
Претходно беше пронајден мртов 75-годишен маж кој исчезнал додека го шетал своето куче во саботата, соопшти полицијата во Северен Велс.
Во саботата, уште еден маж на 60-годишна возраст загина откако дрво падна врз автомобил на пат во близина на Винчестер, југозападна Англија.
Стотици летови до и од Велика Британија беа откажани поради силните ветрови и дождови во текот на викендот, а прекинот најверојатно ќе продолжи.
Би-Би-Си објави дека возовите до аеродромот Станстед и аеродромот Гетвик може да доцнат.