Еден ден по насилните протести состојбата во Кенија е мирна     Фото: AA

Во Кенија е мирно, еден ден по насилните протести откако беше прогласена победата на Вилијам Руто, кандидатот кој победи на претседателските избори. Состојбата во источноафриканската република е клучна за пошироката стабилност на регинот.

Поддржувачите на опозицискиот кандидат Раила Одинга излегоа во повеќе градови, меѓу кои Кисуму како главно партиско упориште, и делови на престолнината Најроби.

Протестите избија откако голем број на членови на Државната изборна комисија на Кенија посочија дека изборниот процес бил „нетранспарентен“ иако дотогаш немаа никакви забелешки.

„Ова не беше лесна задача, во моментов двајца мои комесари и извршниот директор се повредени и се на лекување“, рече Вафула Чебукати шефот на Избирачката комисија на Кенија. Тој објави дека Вилијам Самои Руто победи на претседателските избори.

Полицијата откри дека е пронајдено телото на член на избирачкиот одбор, кој исчезна за време на пребројувањето на гласовите на минатонеделните избори.

„Телото на починатиот е идентификувано како Даниел Мболу Мусиока“, се вели во извештајот на полицијата во областа Лоитокиток, југоисточно од главниот град Најроби.

Мболу беше пронајден убиен и фрлен во грмушка откако беше пријавен за исчезнат по изборите одржани на 11 август. Засега не се соопштуваат мотивите за убиството иако е познат начинот на кој тоа било изведено.

Вилијам Руто освои над 7 милиони гласови, додека пак главниот противник и поранешен премиер Раила Одинга освои 6.9 милиони гласови. Претставниците на опозицијата изјавија дека ќе поднесат тужби за судско оспорување на изборните резултати.

Руто, досегашниот заменик претседател, откако ќе стапи на новата функција вети дека ќе го почитува законот доколку опозицијата судски го оспори изборниот резултат.

TRT Balkan / агенции
Популарни