Во Шпанија продолжуваат операциите за пребарување и спасување, а бројот на загинати поради разорните поплави се зголеми на 158.
Најмалку 155 луѓе ги загубија животите во Валенсија, најтешко погодениот регион од поплавите, соопштија шпанските власти. Смртни случаи се забележани и во провинциите Куенка, Албасете и Малага.
Министерката за одбрана Маргарита Роблес рече дека властите сè уште не можат да го соопштат точниот број, но додаде дека голем број лица се водат за исчезнати.
Денес се распоредени околу 1.000 војници, чиј главен приоритет е да ги пронајдат исчезнатите.
„Знаеме дека на места како Паипорта и Масанаса, може да има луѓе во гаражи, во подруми, луѓе кои излегле да ги најдат своите возила“, изјави министерката Роблс за „Телесинко“ (Канал5).
Надлежните изјавија дека неповолните временски услови во источните и јужните региони на Шпанија, каде на некои места наврнале и до 500 литри дожд на метар квадратен, предизвикале голема штета. Земјоделските површини се поплавени, стотици возила се оштетени, бројни патишта и мостови се урнати, а се појавија и сериозни проблеми во копнениот и железничкиот сообраќај.
Илјадници Шпанци не беа подготвени за такво невреме. Голем број нив останаа заробени во своите возила додека се враќаа дома од работа.
Други останаа заробени во своите домови, работни места, ресторани или трговски центри, очајнички чекајќи спас додека нивото на водата се зголемувало.
Владата на Валенсија испрати итна предупредување на телефоните доцна во вторникот, барајќи од луѓето да останат во затворен простор, но дотогаш голем дел од штетата веќе била направена.
Службите за итни случаи брзо биле преоптоварени со повици и не можеа да стигнат до најтешко погодените области.
Покрај човечката трагедија, причинета е и голема материјална штета.
Илјадници домаќинства сѐ уште немаат струја, ниту вода за пиење.
Во исто време, тие се и целосно изолирани поради затворените патишта и железници.
Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте Сантијаго изјави дека телата на загинатите сѐ уште се заробени во автомобилите ги однеле разорните поплави.
Тој информираше дека популарната линија на брз воз меѓу Мадрид и Валенсија ќе биде затворена најмалку две до три недели.
Министерот Сантијаго рече дека е предизвикана голема штета на пругите и дека поправките ќе траат „многу месеци“.
Невремето оттогаш стивна, но сè уште е активна во некои делови на Шпанија.
Провинцијата Кастелон и понатаму е под црвен аларм поради обилни врнежи во четврток.
Во средата, дополнителни поплави беа пријавени и во други делови на земјата, вклучувајќи ја и јужна Андалузија.
Шпанија прогласи тридневна жалост.
Знамињата денес беа спуштени на половина копје во седиштето на Европската унија.