Најмалку 84 лица загинаа во лизгањето на земјиштето во сојузната држава Керала на југот на Индија.
Во тек е голема операција за пребарување и спасување во округот Вајанад, каде се стравува дека стотици луѓе се заробени под свлечиштето.
Најмалку 116 повредени лица се згрижени во болниците.
Синоќешните големи свлечишта беа предизвикани од монсунските дождови, а само во селото Чооралмала уништени се најмалку 200 куќи.
Индиската војска и воздухопловните сили се ангажирани во операциите за пребарување и евакуација на населението.
Војската е ангажирана и на изградбата на привремен мост со оглед на тоа што главниот мост во подрачјето е урнат.
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека е тажен поради катастрофата.
„Во моментов се во тек спасувачките операции за да им се помогне на сите погодени“, додаде Моди и вети помош од федерално ниво.