Курти сака уништување на српскиот народ и тоа не ни е јасно само нам, туку и на светот, рече Вучиќ / Photo: AA

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.

Вучиќ по состанокот изјави дека во рок од 72 часа ќе ѝ ги соопшти на јавноста потезите на Србија во однос на косовската криза, додавајќи дека ќе говори и за тоа што меѓународната заедница не исполнила и што бара Србија.

„Ќе зборувам за тоа што бара Србија, а поради суштинскиот и брутален напад врз српското население, пред сѐ на северот на Косово и Метохија, и што е тоа што меѓународната заедница не го исполни“, рече Вучиќ.

Додаде дека може да се очекува во текот на октомври да излезе и пред Народното собрание на Србија со далекусежни предлози.

„Албин Курти сака уништување на српскиот народ и тоа не ни е јасно само нам, туку и на светот“, рече Вучиќ.

Тој порача и дека Србија во наредниот период мора да се бори за позицијата на државата и за сојузниците во светот.

Според него, поради најновите потези на Курти, односно упадот во српските институции, од светот доаѓаат само осуди и ништо повеќе.

„Сега е сосема јасно дека Албин Курти сака уништување и прогон на српскиот народ“, истакна Вучиќ.

Тој денес се сретна со Лајчак во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија.

Лајчак претходно во понеделникот, по престојот во Приштина, најави дека ќе го посети Белград за да ја подготви следната средба „во рамките на дијалогот за нормализација на односите“ меѓу двете страни.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ во најавата за посетата на Лајчак на Белград изјави дека многу скоро се очекува состанок во Брисел, како и дека тогаш ќе се слушнат поконкретни работи за постапките на властите на Косово.

Последниот состанок на главните преговарачи се одржа во Брисел на 2 јуни, а на 26 јуни се одржа и средба на највисоко ниво, но тогаш не дојде до средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

AA
Популарни