На 9 декември Зеленски јавно ја претстави идејата за распоредување странски трупи во Украина додека таа земја не се приклучи на НАТО / Photo: AFP

Можното распоредување на странски мировни трупи во Украина би можело да биде тема на утрешната средба на европските лидери во Брисел, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск по разговорите во Лавов, Украина, рече дека итното зајакнување на Украина ќе биде главна тема за разговор на утрешната средба во Брисел, како што се зајакнувањето на противвоздушната одбрана, инвестициите од сојузници во украинското производство на оружје и безбедносни гаранции.

Туск рече дека Полска и Украина ги обединуваат заедничките геополитички интереси и длабокото чувство за правда.

„Пред нас е голема игра за иднината на Украина, Полска и Европа. Полска разбира колку е неправеден нападот на Русија и колку е праведна војната што Украинците ја водат во одбрана на својата татковина“, рече Туск.

Тој изрази благодарност до украинските херои и ветерани за нивната подготвеност да ја бранат Украина, но и Полска и цела Европа.

Туск се осврна на полското претседавање со Европската Унија, кое ќе започне во јануари 2025 година.

„Украина отсекогаш можела да смета на полската поддршка кога станува збор за членството во НАТО. Овде ништо не се менува. Ако зависеше од Полска, немаше да трае повеќе од еден ден. Но можете да сметате на нашата дипломатија и нашите акции овде“ речеТуск .

Посетата на Туск на Украина била чувана во тајност од безбедносни причини.

На утрешната средба во Брисел, меѓу другото, ќе се разговара и за поддршката на ЕУ за Украина.

На 9 декември Зеленски јавно ја претстави идејата за распоредување странски трупи во Украина додека таа земја не може да се приклучи на НАТО.

Оваа можност првпат ја претстави францускиот претседател Емануел Макрон во февруари, но не беше постигнат консензус меѓу европските лидери за ова прашање.

TRT Balkan / агенции
Популарни