Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев сака да воспостави тампон зона во руската Курска област за да спречи нови напади на руските сили преку границата. Во исто време, повторно го повика Западот на испорака на дополнително оружје. Зеленски во неделата во вечерното обраќање ги пофали украинските војници и првпат ја наведе конкретната цел за нивната инвазија на Русија. „Нашата главна задача во одбранбените операции е да уништиме што е можно поголем дел од рускиот воен потенцијал и да спроведеме што е можно повеќе контраофанзивни дејствија. Тоа вклучува формирање на тампон зона на територијата на агресорот. Сѐ што предизвикува загуби за руската армија, руската држава, нивниот воено-индустриски комплекс и економијата, помага да се спречи ширењето на војната и нè приближува до праведниот крај на оваа агресија“, рече украинскиот претседател. Според Зеленски, украинските сили ги зајакнуваат своите позиции во регионот Курск. Украинските сили неочекувано ја нападнаа руската територија пред нешто помалку од две недели. Според последните информации од Киев, Украина контролира повеќе од 80 градови и 1.500 квадратни километри територија во Курската област. Во неделата Киев пријавил уништување на втор мост во регионот, со кој имаат намера да ги пресечат патиштата за снабдување на руската армија.
Според извештаите на руската војска, уништувањето на мостовите ѝ оставило на Русија ограничени можности да ја премине реката Сејм, што според Москва ја отежнува евакуацијата на жителите од областа. Властите во неделата објавија дека се обидуваат да ја истуркаат украинската војска од неколку населени места. Во неделата, Зеленски го повтори и својот повик до западните сојузници да ја забрзаат испораката на оружје и муниција. Русија го зголемува притисокот врз украинската армија на истокот на Украина, каде, според Министерството за одбрана, нејзините сили зазеле уште едно село во областа Доњецк. Станува збор за селото Свиридонивка, на 15 километри од градот Покровск, кое лежи на клучна рута за снабдување на украинските војници и градови на источниот фронт и долго време е цел на руската армија.