Само 24 часа по истекот на авторските права на Дизни за Мики Маус, беа објавени два независни филма во кои глуми познатиот анимиран глушец.
„Паробродот Вили“(Steamboat Willie), првиот филм на Дизни за Мики, влезе во јавна сопственост според американските закони во понеделникот бидејќи беше објавен пред 95 години.
Ова значи дека на секој сега му е дозволено да копира, споделува, повторно користи и адаптира примитивни, рани верзии на ликовите што се појавуваат во филмот, вклучувајќи ги и Мики и неговата девојка Мини.
И покрај предупредувањата на Дизни дека ќе се обидат легално да го заштитат својот иконски лик, од филмаџиите се очекуваше брзо да ги објават своите неофицијални адаптации, а тие не разочараа, пишува агенцијата Франс прес.
„Стапицата на Мики Маус“ е приказна за убиец маскиран како Мики, кој демне група млади во забавен парк, додека другата, сè уште ненасловена хорор комедија, е за садистички глушец кој ги злоупотребува патниците на траект.
„Сакавме само да се забавуваме со него“, изјави режисерот на првиот филм Џејми Бејли.
Тоа е Мики Маус од „Паробродот Вили“ кој убива луѓе. Тоа е смешно. Игравме со него, се забавувавме правејќи го тоа и мислам дека тоа се гледа, додаде тој.
Нискобуџетната хорор-комедија би требало да излезе во март.
Во меѓувреме, режисерот Стивен ЛаМорте работи на извртена верзија на Мики.
„Паробродот Вили“ им донесе радост на генерациите, но под таа весела надворешност се крие потенцијалот за вистински, непоколеблив хорор“, рече тој.
Снимањето на овој филм ќе започне оваа пролет.
Дизни најавува дека внимателно ќе следи сѐ и ќе реагира законски доколку некој претера.
Само најраната, црно-бела верзија на Мики Маус е во јавна сопственост, а не колорната од подоцнежните филмови како „Фантазија“.
Дизни има и заштитен бренд, па секој филм или производ што би бил лажно претставен како на Дизни може да биде казнет.
„Ние, се разбира, ќе продолжиме да ги штитиме нашите права и во помодерните верзии на Мики Маус и другтеи дела кои остануваат наша интелектуална сопственост, и ќе продолжиме да ги штитиме потрошувачите од измама со неовластена употреба на Мики и другите наши иконски ликови“, рекоа од Дизни.
На ЛаМорте не му е грижа.
„Проверуваме сè за да бидеме сигурни дека нема непознати или забуни околу тоа што го правиме“, изјави тој за Вараети.