Розевиот и сивиот речен амазонски делфин се на црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата / Photo: Reuters

Труповите на 120 речни делфини од минатата недела плутаат во водите на притоката на реката Амазон во околности за кои експертите се сомневаат дека биле предизвикани од големата суша и жештина.

Ниските нивоа на реките за време на тешката суша ги загреале деловите од водата до температури кои се неподносливи за делфините, веруваат истражувачите.

И илјадници риби угинаа неодамна во реките на Амазонија поради недостаток на кислород во водата.

Амазонските речни делфини, од кои повеќето се со впечатлива розова боја, се уникатни слатководни видови кои се наоѓаат само во реките во Јужна Америка и се еден од неколкуте видови слатководни делфини преостанати во светот.

Бавните репродуктивни циклуси ги прават нивните популации особено ранливи на закани.

Глобалното загревање

Среде смрдеата на делфините во распаѓање, биолози и други експерти во бела лична заштитна облека и маски во понеделникот работеа на обдукција на секој труп за да се утврди причината за смртта.

Научниците не знаат со целосна сигурност дека сушата и топлината се виновни за скокот на смртноста на делфините.

Тие работат на отфрлање на други причини, како на пример бактериска инфекција која би можела да ги убие делфините во езерото формирано од реката Тефе пред да истече во Амазон.

Најмалку 70 од труповите се појавија во четвртокот кога температурата на водата на езерото Тефе достигна 39 степени Целзиусови, што е за повеќе од 10 степени повисока од просекот за овој период од годината.

Температурата на водата падна неколку дена, но во неделата повторно се зголеми на 37 степени Целзиусови, велат загрижените експерти.

Активистите за заштита на животната средина за необичните услови ги обвинија климатските промени, поради кои сушите и топлотните бранови се поверојатни.

Улогата на глобалното затоплување во актуелната суша во Амазонија е нејасна, а во игра се и други фактори како Ел Нино.

Загрозени видови

„Документиравме 120 трупови во последната недела“, рече Миријам Мармонтел, истражувач во Институтот за животна средина Мамирауа, кој се фокусира на сливот на реката Солимоес.

Таа рече дека околу осум од секои 10 трупови се розови делфини, наречени „ботос“ во Бразил, што би можело да претставува 10 отсто од нивната проценета популација во езерото Тефе.

Ботосите и сивиот речен делфин наречен „тукукси“ се на црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата.

„Десет отсто е многу висок процент на загуба, а можноста таа да се зголеми може да го загрози опстанокот на видот во езерото Тефе“, рече Мармонтел.

Бразилскиот институт за зачувување на биодиверзитетот Чико Мендес (ИЦМБио) веднаш испрати ветеринари и експерти за водни цицачи да ги спасат делфините кои се уште се живи во езерото, но тие не можат да се преместат во поладни речни води додека истражувачите не ја отфрлат бактериолошката причина за смртта.

TRT World
Популарни