Ловците на вонземјани со нетрпение чекаат да се појави документ, некаков доказ или траг, што „конечно“ ќе потврди дека биле во право. Верувале или не, НАСА, Белата куќа и Агенцијата за национална безбедност на САД (НСА) одговараат и на барања за пристап до информации од јавен интерес поврзани со „вонземски истражувања“.
Некогаш и самите институции објавуваат декласифицирани документи, кои по неколку децении стануваат достапни за јавноста, и тогаш станува интересно односно работите почнуваат да зовриваат во кругот на таканаречените ловци на вонземјани.
Таков е случајот со декласифицираните документи изработени од криптографот Ламброс Калиманос, кој речиси три децении работел за војската и безбедносните служби на САД.
Во серијалот „Комуникација со вонземска интелигенција“, Калиманос се обидува да одговори на прашањето како би изгледал контактот со напредни суштества од вселената.
„Ново“ откритие
Самиот факт што документот е во архивите на НСА и е декласифициран, односно достапен за јавноста, одвреме навреме „одново“ се открива. Приказната станува возбудлива со крипто тестот кој служел како показна вежба.
„Клучот за комуникација со вонземјани“ иако по многу децении е објавен јавно, не крие тајни за скриени пораки кои пристигнале од вонземска цивилизација. Неговата замисла е да послужи како водич за сценарио во кое треба да се воспостави контакт со вонземјаните.
Проблемот е што авторот не дава јасна дистинкција дека третиот документ е замислено сценарио и служи како задача за дешифрирање, а не за вистински проблем со прием на вонземска комуникација од непозната планета.
Затоа, ако налетате на статија од типот „Октриено - НСА комуницира со вонземјани“, треба да знаете дека е базирана токму на овие документи, но без да ја прикаже целосната слика и најверојатно да собере некој клик плус.
Математиката како универзален јазик
Калиманос сметал дека ако дојде до контакт со вонземјани, човештвото треба да создаде систем на комуникација, еден вид на космички јазик кој ќе биде најјасен што може. Сите пораки треба да го покажат значењето наместо да го сокриваат, со цел да се знае дека при контактот човештвото нема скриени намери.
Најдобар начин е да се користат математички знаци, бидејќи математиката поаѓајќи од нашето поимање за физичките правила на универзумот е доволно прецизна и универзална за разбирање. Калиманос претпоставува дека и вонземската цивилизација која би сакала да не контактира би понудила еден вид на шифрарник за „учење на нивниот јазик“.
Сепак, разликите во еволуцијата, напредноста на технологијата, целите на цивилизациите и уникатните културни карактеристики може да доведат до тоа никогаш и да не се „разбереме“ со нашите вселенски соседи.
Ловци на вонземјани
Широката распространетост на теории за НЛО и тајни експерименти со вонземјани, па дури и размена на технологии се базира всушност на многу реални последици од Студената војна.
Токму Калиманос и криптографите ангажирани од НСА во минатиот век, размислувале за можноста непријателите на САД да користат „мамки“, во вид на летечки чинии и вселенски бродови, за да ја прикријат вистинската намера, односно целосна инвазија или нуклеарен напад.
Затоа криптографите прават напори да воспостават систем на дешифрирање кој би разликувал мамки со НЛО и испратени пораки преку радиобранови или друга технологија.
Постоењето на пробни летала со форми кои личат вонземски, како и бројните експерименти, ги поттикнуваат ловците на вонземјани да „трагаат“ по одговори.
Но, ловците на вонземјани колку и да не се дел од официјалната наука, не значи дека не се од корист. Токму креативниот начин на размислување и упорноста во барање траги, дури и во најневеројатните сценарија, може да биде повод за отворање на нова научна програма која ќе воведе методи на истражување и систематизиран пристап кон решавање на проблемот.
СЕТИ програмата која денес функционира се базира токму на идејата на „ловење“ на сигнали од соседните соѕвездија, чекајќи потврда дека сепак, некој на другата страна „слуша“.