Кои се балканските езера со свои двојници во вселената?     Фото: НАСА

Четири природни езера на Балканот имаат свои двојници во вселената. На најголемата месечина на Сатурн, Титан има езера од метан и етан кои носат исти имиња како езера во Северна Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Звучи неверојатно, но овие езера се наоѓаат на толку голема далечина од планетата Земја што на човек би му требале седум години за да стигне до нив со вселенско летало.

Охридско Езеро, кое се смета за најстаро во Европа, е езеро чија убавина ја делат Северна Македонија и Албанија. Малкумина знаат дека ова езеро има свој вселенски двојник на најголемата месечина на Сатурн, Титан.

Фото: НАСА

Предлог на македонскиот Планетариум

Двете езера речиси и да немаат никаква сличност, но сепак го носат истото име откако во 2010 година, НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз, на предлог на македонскиот Планетариум, одлучија едно од езерата на сатурновата месечина Титан да го носи токму името Охридско Езеро.

Титан, е најголемата месечина на Сатурн, а втора по големина во Сончевиот Систем. Поголема е од планетата Меркур, но помалку масивна, и е единствената месечината во Сончевиот Систем која поседува атмосфера.

Езерата и морињата на Титан, за разлика од водните површини на планетата Земја кои се полни со вода, се полни всушност со течен етан и метан и немаат услови за живот. Иако долго време се сметало дека на Титан има вакви површини тие директно биле откриени од вселенската сонда Касини-Хајгенс.

Фото: НАСА

И Преспанско со свој двојник

Уште едно езеро кое се наоѓа во Северна Македонија и чија водна површина ја делат и Грција и Албанија има свој двојник на истата месечина-Преспанско Езеро.

Интересен е податокот дека Преспанско Езеро на Титан е поголемо од Охридското Езеро за речиси трипати што не е случај на планетата Земја.

На Титан има и место кое се нарекува Црвено Езеро, именувано по карстното езеро во близина на градот Имотски во Хрватска. Познато е по бројните пештери и неверојатно високите карпи. Постои легенда според која во античкото минато имало палати над езерото што се урнале во земјата, и на тоа место било создадено езерото. Името Црвено Езеро го добило по црвените карпи на работ на езерото. Езерото со исто име на Титан е далеку поголемо од она во Хрватска и има 41 километар должина.

Уште една балканска земја може да се пофали дека нејзиното езеро има вселенска слава, а тоа е Босна и Херцеговина на чија територија се наоѓа Големото езеро.

На сатурновиот сателит Титан има езеро со должина од 91 километар кое се нарекува по ова познато босанско езеро.

Инаку најголем дел од езерата и морињата на Титан носат имиња на топоними од планетата Земја.

TRT Balkan
Популарни