Повеќе од една деценија 18 октомври во Хрватска, но и ширум светот, се одбележува како Светски дан на краватата.

Краватата или вратоврската, односно нејзината тогашна верзија, позната е уште од одамна. Судејќи според достапните извори, Хрватите, како дел од својата традиционална униформа, на себеси својствен начин, врзувале околу вратот интересни шалови.

Увидувајќи ја таа глетка на хрватските војници, Парижаните во времето на Луј XIV го усвоиле новиот моден предмет кој се носел „à la Croate“ (на хрватски начин). Тој израз набргу станал корен на новиот француски збор „кравата“.

Така краватата, како знак на културата и елеганцијата, влегла во тогашната граѓанска мода и ја освоила цела Европа, а денес и целиот свет. Иако е застапена во женската мода, ја префереираат мажи кои, претежно, сакаат да остават подобар впечаток. Познавачите на овој моден детал тврдат дека е неопходно краватата да биде изработена од најквалитетна свила, за да цврсто го држи јазолот.

Најголемата светска кравата

Од хрватскиот град Пула во 2003 година потекнува најголемата светска кравата за која известувал и пишувал целиот сет. Во текот на перформансот наречен „Кравата околу Арена“, на авторот Маријан Бушиќ, претставена е црвена кравата тешка 800 килограми. Оваа импресивна кравата ги обвила надворешните ѕидови на пулската арена, испраќајќи со тоа порака на отвореност, срдечност и љубов.

Грабатолог - колекционер на кравати

Како што се случува со интересните предмети и краватата со текот на времето станала предмет за кој се интересираат колекционерите. Лицето кое поседува колекција кравати се нарекува грабатолог.

Долги години Ирена Спаркс од Нов Зеланд се смета за најголем колекционер на кравати која, во својата колекција, брои повеќе од 23.000 кравати.

Со тоа Спаркс го соборила светскиот рекорд во овој вид колекционерство, оставајќи го зад себе американецот Дерил Огден, чија колеција е за 5.000 кравати помала во однос на колекцијата на моменталната светска рекордерка.

Интересни факти за краватите

Ова се уште некои од интересните факти за краватите кои се помалку познати.

За изработка на квалитетна кравата потребно е околу 110 кожурци од свилена буба.

Кинескиог град Шенгжу е еден од најголемите произведувачи на кравати на светот, со околу 200 милиони произведени кравати годишно.

Постојат дури 177.147 различни начини на кои е можно да се врзува кравата.

Најскапа кравата на светот ја направил индискиот дизајнер Сатја Паул.

TRT Balkan / агенции
Популарни