Пред 50 години во Скопје се случила една од најпознатите кражби на уметнички слики на Балканот за која лично бил информиран и авторот на украдената слика, големиот Пабло Пикасо. Во расветлување на оваа кражба се вклучил и Интерпол, а за тоа пишувале и известувале регионалните, но и светските медиуми. Крадците биле пронајдени, а уметничката слика била вратена во Скопје.
Приказната за тоа како стигнала уметничката слика на Пабло Пикасо во Скопје и како била украдена е како сценарио за филм. ТРТ Балкан се обиде хронолошки да ја пренесе целата приказна стара 50 години.
Сликата подарена по земјотресот во 63-та Скопје се најде во фокусот на светските медиуми по катастрофалниот земјотрес во 1963 година кога речиси 80% од централното градско јадро беше срушено, а во катастрофата загинале околу 1.100 жители. Буквално целиот свет се солидаризирал. Меѓу нив се и големите светски уметници и писатели кои ја ширеле идејата за солидарност со жителите на Скопје. „Скопје не смее да остане само извештај од весниците за неговото страдање, туку треба да се претвори во одговорност за сите нас, луѓето на денешницата и иднината кои би можеле да бидат жртви на слични катастрофи, сите треба да бидеме скопјани“, изјавил тогаш познатиот италијански новелист Алберто Моравија.
Филозофот Жан Пол Сартр исто така имал трогателна изјава.
„Скопје не е трилер-филм во кој погодуваме кој е главниот настан. Скопје е концентрација на човечката борба за слобода со резултат кој инспирира идни борби и неприфаќање на порази“, рекол Сартр.
Во периодот по земјотресот имало голем број иницијативи за враќање на животот во Скопје. Меѓу нив била и идејата за создавање современа уметничка галерија односно Музеј на современата уметност. Првиот директор на оваа институција Борис Петковски започнал мисија за собирање уметнички дела од светски автори. Преку неговиот колега од Париз бил испратен повик до тогаш актуелните уметници да донираат за Скопје.
Во периодот што следува имало серија донации меѓу кои и донација на познатиот шпански уметник Пабло Пикасо, еден од најпознатите сликари во историјата на уметноста. Петковски тогаш и лично се сретнал со Пикасо.
Според информациите од Музејот на современа уметност во Скопје, оваа институција ја добила сликата „Глава на жена“ во 1965 година, а делото е креирано токму во кобната за Скопје 63-та година. Станува збор за масло на платно со димензии 73 на 55 сантиметри.
„Делото е личен избор на Пикасо, кој меѓу првите светски познати уметници се огласил да донира свое дело за колекцијата на музејот, по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963та, кога вниманието на светската јавноста е свртено кон изградбата на Скопје, но и кон подигнување на духот на скопјани“, велат од МСУ.
Пикасо имал 82 години кога ја завршил сликата „Глава на жена“, која всушност е портрет на Жаклин Рок, неговата втора сопруга. Сликата ѝ припаѓа на неговата последна творечка декада, која критичарите ја нарекуваат „Доцен Пикасо“. Во оваа негова фаза боите на неговите слики се бледи, авторот користи само црни, бели, сиви и синкасти тонови.
Кражба на сликата од салата на МСУ
Сликата била украдена на 17 ноември 1971 година од изложбените сали на постојаната поставка во МСУ. Речиси истовремено во неколку галерии во Париз се украдени негови дела. Во расветлување на оваа кражба покрај југословенската полиција се вклучил и Интерпол.
Пет месеци подоцна кон крајот на март Асошиетед прес објавува дека подарената уметничка слика украдена во Скопје била пронајдена на аеродромот во Франкфурт, Германија. Во акцијата биле фатени петмина кои биле дел од меѓународна група крадци на уметнички дела. Според информацијата крадците се Германци и Југословени.
Уметничката слика била вратена во Скопје на 21 април 1972 година. Она што било изненадувачки е тоа што сликата била многу оштетена поради што била потребна реставрација со што го добила првобитниот изглед.
Договорената сума била 45.000 марки
Тогашниот републички секретаријат за внатрешни работи соопштил детали за кражбата кои биле пренесени во тогашна „Нова Македонија“. Според овој натпис, во кражбата бил вмешан студент на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој имал пријател од Израел кому му кажал за намерата со цел да ,му најде купувач. Израелецот прифатил да посредува во продажбата на украдената слика.
Сликата била украдена директно во музејот. Студентот го посетил музејот и ја поместувал неколкупати пополека сликата со цел да види дали е поврзана со алармен уред. Откако се уверил дека нема алармен уред тој се обидел да ги исече најлонските конци со кои сликата била поврзана за рамката, но не успеал.
Дошол повторно наредниот ден и успеал во намерата. Ја зел сликата и ја фрлил низ прозорец во тревникот на музејот. Крадецот ја зел без да биде забележан од чуварот. Потоа во наредните месеци се одвивале договарањата околу транспорт и продажба на уметничката слика.
Заминал за Визбаден каде продолжил со обидите за продажба. Преку македонски иселеници дошол до купувач за сликата. Договорот било сликата да ја купи наводно германски државјанин за 45.000 германски марки. Требало да се сретнат во хотел во близина на аеродромот во Франкфурт, но крадците сепак биле фатени и уапсени бидејќи купувачите всушност биле луѓе од франкфуртската полиција.
Според она што го објавиле медиумите, крадецот добил казна од шест години затвор. Со тоа бил ставен крај на една од најпознатите кражби на уметнички дела на овие простори.