Најмалите автомобили во светот за кои „фиќото“ изгледа како џип     Фото: TRT Balkan

„Пегла“ и „фиќо“ се веројатно најмалите автомобили кои можеле да се видат на патиштата во поранешна Југославија. Овие два олдтајмери и денес може да се забележат низ улиците на Скопје, Белград или Сараево, но се поретко.

„Фиќото“ или Застава 750 направи бум во моторизацијата на Југославија. Беше популарен автомобил поради неговата цена и малите димензии. Граѓаните можеле да си го дозволат со просечната плата, а и самиот автомобил е издржлив и практичен.

Со него лесно може да се движите низ градскиот метеж и далеку полесно да најдете паркинг. Тоа е автомобил во кој двајца е оптимално да се возат, но може да собере и четворица или дури и петмина помали патници, но секако седењето не е толку удобно и комотно. „Фиќото“ е долго 3,3 метри, широко 1,39 метри и високо 1,41 метри.

Со тежина од 640 килограми ова сигурно е најмалиот автомобил во поранешна Југославија, но не е најмал во светот. За дел од најмалите автомобили кои влегле во сериско производство, „фиќото“ изгледа како џип.

Автомобил што може да го носите како куфер

Најмалиот автомобил во светот кој е запишан во Гинисовата книга на рекорди и кој околу 60 години го држи првото место е „Пил П-50“. Тоа е буквално автомобил што можете да го земете во раце и да го носите како куфер.

Сериското производство се одвивало од 1962 до 1965 година на островот Ман, самоуправна територија на Британската Круна која се наоѓа во Ирското Море. Овој автомобил е уникатен по многу нешта. Дизајниран е како возило за еден човек. Во него одвај собира возач со просечен раст. Тој има нешто повеќе од четири коњски сили и нема рикверц. Моторот има 49 кубни сантиметри или како просечен мопед. Но она што е најважно се неговите димензии.

Долг е само 134 сантиметри или во превод „фиќото“ е за цели два метри подолго. Широко е 98 сантиметри, а високо 100 сантиметри. Тежината му е само 56 килограми и ако го фатите за задниот дел лесно можете да го „влечете“ како куфер на тркала.

Кога ќе го ставите „фиќото“ и „Пил П-50“ едно до друго, автомобилот од фабриката Застава навистина изгледа како теренец.

Пил П-50    Фото: Wikipedia

„Изета“-автомобил во кој влегувате од напред

Изета е веројатно еден од ретките микроавтомобили кои доживеал светска популарност.

Автомобилот оргинално дизајниран во Италија се произведувал во низа земји по лиценца-Аргентина, Шпанија, Франција, Бразил, Германија и Велика Британија. Автомобилот кој има форма на јајце станал популарен не само поради динензиите туку и поради малата потрошувачка од три литри на 100 километри. Продадени биле над 160.000 примероци. Изета е двојно поголема од најмалиот автомобил па долга е 2,29 метри и широка 1,37 метри што секако е помала од „фиќото“.

Најинтересен детаљ за овој автомобил е фактот што предниот дел од автомобилот е всушност врата од каде се влегува. Во него може да влезат двајца до тројца патници. На овој автомобил му требаат 30 секунди за да достигне брзина од 50 километри на час.

Изета     Фото:  Wikipedia

Електричен пријател

Микроавтомобилите за првпат се појавиле во време кога немало гужви во сообраќајот како што има денес, немало загадување како што има денес па логично е да има и нивно враќање на автомобилската сцена. Таков е случајот со возилото „Бади“ или пријател. Овој електричен автомобил е дизајниран во Норвешка во 2000 година. Има две врати и простор за три лица. Димензиите му се 2,4 метри должина, 1,4 метри ширина и висина од 1,4 метри што значи дека „фиќото“ е подолго но решиси идентично во ширина и висина.

Со овој електричен автомобил можеле да се пројдат од 20 до 60 километри со брзина од 80 километри на час. Тежината му е 400 килограми без батерии, но со батериите е потежок и од „фиќото“.

Дали сте за “Танго“?

Еден од најчудните автомобили на оваа листа е „Танго, уште еден електричен автомобил кој е невообичаено тесен. Дизајниран е во 1998 година во Вашингтон иако оргиналната идеја била од 80-тите години на минатиот век. „Танго“ е потесен од некои мотори и има должина од 2,6 метри и ширина од само 99 сантиметри. Тежи околу 1.400 килограми, секако поради батериите.

Танго   Фото: Wikipedia
TRT Balkan
Популарни