Што највеќе „гуглаше“ светот во 2022 година? / Photo: AA

Во денешно време незамисливо е да се помине ден без пребарување на интернет.

Она што најмногу се пребарува на интернет во голема мерка всушност е индикатор за што јавноста највеќе се интересира.

Неодамна „Гугл“ (Google) го објави извештајот за најпребарувани термини во 2022 година, а според извештајот најупотребуван термин во годината во заминување е „Wordle“ (Вордл), видеоигра која е хит во глобални рамки.

На второто место се наоѓа спортскиот термин-крикет. Станува збор за полуфиналето помеѓу Индија и Англија на Т20 Светското првенство за мажи.

На крајот од февруари светот сведочеше на почетокот на војната која Русија ја покрена во Украина. Оваа тема, поточно, војната во Украина, беше убедливо најпребарувана и најчитана во категоријата вести. Втора најпопуларна тема во категоријата вести беше смрта на кралицата Елизабета Втора. „Политиката не ме интересира“ е позната фраза која можеме често да ја слушнеме, но ја демантира статистиката во однос на она што луѓето најмногу пребаруваат.

Изборите во американскиот Сенат и Претставничкиот дом, како и изборите во Бразил и во Филипините, беа исто така, меѓу најпопуларните теми во категоријата вести, во однос на пребарувањето на „Гугл“.

Голема загриженост кај светската јавност побуди вирусот „мајмунски сипаници“, со што оваа тема беше меѓу петте најпребарувани. Во тој контекст, интересен е фактот што коронавирусот не беше ниту меѓу 10 најпребарувани термини, а во изминатите две години оваа тема котираше високо кога станува збор за пребарувањето на интернет.

Кога се работи за најпребаруваните луѓе, Џони Деп е најпребаруваната личност. Тој се најде пред суд со поранешната сопруга Амбер Херд, а нивната приказна го привлече вниманието кај големиот дел од светската популација. На второто место е актерот Вил Смит кој на церемонијата на доделувањето на Оскарите му удри шлаканица на комичарот Крис Рок.

Според „Гугл“, најпопуларна спортска тема во 2022 година е Светско првенство, со оглед на тоа дека годинава во Катар се играше Светското фудбалско првенство кое го привлече вниманието на светската јавност и донесе голема фудбалска возбуда на глобално ниво. Најпребарувана спортска личност во оваа година е тенисерот Новак Ѓоковиќ, а по него следат неговите колеги Рафаел Надал и Серена Вилијамс.

Прашања поврзани со личниот развој добиваат на популарност

Покрај актуелните теми и случувања како што се војната во Украина, смртта на кралицата Елизабета, изборите, спортските и културните настани, луѓето најмногу пребарувале и за тоа како да се променат себеси, како да си го променат животот на подобро, но и како да придонесат светот да биде поубаво место.

Со цел сумирање на извештајот за најпопуларните пребарувања, Гугл направи и видео во кое ги истакна некои од најличните прашања што беа пребарувани во 2022 година.

Според прикажаното, во прв план биле прашањата во врска со личниот развој. Дали можам да си го променам животот?, Дали можам да се променам, Дали можам да ја променам кариерата, беа само дел од најпопуларните прашања кои се однесуваат на личниот развој.

Исто така, меѓу најпребаруваните прашања биле и „Дали сè е возможно?“ и „Како да станам бестрашен?“.

„За сите оние кои го гледаат светот не таков каков што е, туку таков каков што може да биде, продолжувајте да барате“, истакнуваат од „Гугл“ во пораката, објавена во видеото во кое го сумираат извештајот за најпопуларните пребарувања во годината во заминување.

TRT Balkan
Популарни