Во време кога речиси никој и не се јавува на фиксен телефон, а сите се допишуваат преку социјалните мрежи, телефонските говорници делуваат како заборавен експонат од музеј.
За новите генерации телефонските говорници се тотално непознати, но истовремено крајно привлечни за туристички слики, на пример од црвените лондонски телефонски кабини.
Дури и во најголемите градови на светот како Њујорк се повлекуваат последните примероци на кабините со слушалка и се заменуваат со киосци на кои има бесплатен интернет и полначи за смартфон.
Последен повик
Некои градови и натаму ги одржуваат во живот последните телефонски говорници, наменети претежно за луѓе кои го загубиле мобилниот телефон или им бил украден за брзо да пријават на телефонските броеви на итните служби.
Навраќајќи се наназад, телефонските говорници во својата стогодишна историја, најголемиот пик го достигнуваат кон крајот на 90-те години. Во тие периоди се проценува дека низ светот се користеле стотина милиони јавни телефонски говорници.
Но, појавата на мобилниот телефон постепено води до целосно исчезнување на говорниците низ јавните површини, а нивната употреба се менува во нешто сосема друго.
Црвените кабини во Лондон од затворен тип се претвораат во киосци за продажба на производи, мини библиотеки, сервис за мобилни телефони, па дури и најмалото диско за луѓе кои не сакаат друштво и немаат проблем да танцуваат сами.
Телефонските говорници во поп културата
Промената на технологијата ги промени и „навиките“ на супер-хероите. Сите кои ги читале стриповите во минатото за Супермен или ги гледале филмовите со Кристофер Рив добро се сеќаваат дека репортерот Кларк Кент користи телефонска говорница за да се „претвори“ во херојот со црвената наметка.
Овој филмски мит беше широко распространет на крајот на 80-те и почетокот на 90-те години иако актерот во само една сцена ја „искористи“ телефонската говорница за промена на костумот. Но, во новите серијали и филмови, Супермен не се ни доближува до телефонска говорница.
Телефонските говорници често се одличен реквизит за многубројни акциони трилери, филмови со фантазија, но и комедии каде клишето за кабината се исмева. Таков класичен пример е филмот „Авантурите на Бил и Тед“ каде телефонската кабина се користеше како машина за патување низ времето.
Од цивилизациска придобивка до заборав
Првата телефонска говорница која работела на тикети е пуштена во употреба во Берлин во 1881 година, односно само неколку години по големиот изум на првиот комерцијален телефон. Големите градови низ Европа и Америка набрзо ја прифаќаат иновацијата.
Така во 1889 година е поставена и првата телефонска говорница која работи со внес на монети.
Нејзиниот пронаоѓач Вилијам Греј немал личен телефон во домот и кога требало да повика медицинска помош за неговата сопруга морало да замоли работници во една фабрика да му дозволат да се послужи со компанискиот телефон. Така дошол до идејата дека е потребен јавен телефон за луѓето кои во тоа не време не можеле да си дозволат да платат скапи телефонски линии.
По модернизацијата на телефонските услуги во 90-те години се воведоа и електронски импулси за поврзување и комуникација кои ја намалија потребата од ситни парички за воспоставување повици.
Последните телефонски говорници во регионот работеа на при-пејд картички, со популарно наречените „импулси“. Речиси и да немаше родител кој не набавуваше ваква картичка кога неговото дете ќе отпатува на екскурзија за да дознае дали се е во ред.