Kако што луѓето не се платени 24 часа, така и тие не мора да работат 24 часа на ден, изјави премиерот Ентони Албанес / Photo: AA

Австралија им даде законско право на милиони вработени да се „исклучат“, дозволувајќи им да игнорираат неоправдани повици, е-пошта и пораки од нивните шефови надвор од работното време.

Луѓето сега можат да одбијат да ги следат, читаат или одговорат на обидите на нивните работодавци да контактираат со нив надвор од работното време - освен ако тоа одбивање не се смета за „неразумно“.

Синдикатите го поздравија законот, кој стапи на сила пред две недели, велејќи дека тој им дава на вработените начин да го вратат балансот помеѓу работата и животот.

„Денеска е историски ден за работните луѓе“, изјави Мишел О’Нил, претседател на австралискиот совет на синдикати.

„Австралиските синдикати го вратија правото на завршување на работа по одработената смена“, рече таа.

На улиците на Сиднеј луѓето, се чини дека ја поздравуваат промената.

„Многу ми е тешко да ја прекинам врската и иако можеби не сум нужно пријавена, мојот мозок постојано работи прекувремено“, изјави за АФП вработената во непрофитната организација Каролина Јосески.

Но реформата доби ладно добредојде од највисокото индустриско тело во Австралија.

„Законите за „правото на исклучување“ се избрзани, слабо обмислени и длабоко збунувачки“, се вели во соопштението на австралиската индустриска групација.

„Во најмала рака, работодавачите и вработените сега ќе бидат несигурни дали можат да прифатат или да направат повик надвор од работното време за да понудат дополнителна смена“, се вели во него.

Законот е сличен на оние во некои европски и латиноамерикански земји.

Истражувањата покажуваат дека правото на исклучување им користи на вработените, вели вонредниот професор Крис Рајт од Универзитетот во Сиднеј.

Повеќе од 70 отсто од работниците во компаниите на Европската унија со политика на право на исклучување, сметаат дека нејзиното влијание е позитивно, покажува истражувањето од ноември 2023 година на агенцијата за труд на ЕУ, Eурофаунд.

„Да се ​​има регулатива која донекаде ја враќа границата меѓу работниот и неработниот живот на луѓето е позитивна работа, секако и за вработените, но и за работодавачите“, рече тој, особено во индустриите кои се обидуваат да привлечат нови работници.

Австралискиот закон, усвоен во февруари, стапи на сила за средните и големите компании.

Помалите компании со помалку од 15 вработени ќе бидат опфатени од 26 август 2025 година.

Проблем со менталното здравје

Шефот на австралискиот регулатор за односи на работното место, омбудсманот за фер работа, Ана Бут, рече дека луѓето треба да имаат „здрав разумски пристап“ за примена на новиот закон.

Според законот, судот може да им нареди на вработените да престанат неразумно да одбиваат контакти надвор од работното време, а на работодавачите може да им се нареди да престанат неразумно да бараат од вработените да реагираат, според регулаторот.

Прашањето што е разумно „ќе зависи од околностите“, рече народниот правобранител за правични работни односи.

„Одлучувачките фактори може да ја вклучуваат причината за контактот, природата на улогата на вработениот и нивната компензација или достапност за прекувремена работа“, се вели во соопштението.

Премиерот Ентони Албанес ја поздрави реформата што ја спроведе неговата централно-левичарска лабуристичка влада.

„Сакаме да се погрижиме како што луѓето не се платени 24 часа, така и тие не мора да работат 24 часа на ден“, изјави тој за националната телевизија ABC.

„Искрено кажано, тоа е и проблем на менталното здравје, бидејќи луѓето можат да се одвојат од својата работа и да се поврзат со семејството и својот живот“, додаде австралискиот премиер.

TRT Balkan / агенции
Популарни