Европскиот парламент во вторникот усвои нови правила кои на европските потрошувачи им обезбедуваат право да поправаат производи за домаќинството и други производи.
На пленарната седница во Стразбур, европратениците ја усвоија директивата за т.н „право на поправка“ на потрошувачите со 584 гласа за, 3 против и 14 воздржани, објави Европскиот парламент.
Правилата ги разјаснуваат обврските на производителите за поправка на стоката и ги охрабруваат потрошувачите да го продолжат животниот циклус на производите преку поправка, а имаат за цел да го намалат отпадот и да го зајакнат секторот за поправки со тоа што ќе го олеснат и ќе ја направат поисплатлива поправката на стоката.
Новите правила гарантираат производителите да обезбедуваат навремени и економични услуги за поправка и да ги информираат потрошувачите за нивните права за поправка. Стоките што се поправаат под гаранција ќе имаат корист од дополнителното едногодишно продолжување на законската гаранција, дополнително охрабрувајќи ги потрошувачите да изберат поправка наместо замена.
По истекот на законската гаранција, производителот сè уште е обврзан да ги поправа вообичаените производи за домаќинството, кои технички може да се поправаат според законите на ЕУ, како што се машини за перење, правосмукалки, па дури и паметни телефони. Списокот на категории на производи може да се прошири со текот на времето.
„Потрошувачите исто така можат да позајмат уред додека нивниот се поправа или, ако не може да се поправи, да се одлучат за реновирана единица како алтернатива“, се вели во соопштението на ЕП.
Европскиоит информативен формулар може да им се понуди на потрошувачите за да им помогне да ги проценат и споредат услугите за поправка (со детали за природата на дефектот, трошоците и времетраењето на поправката).
За да се олесни процесот на поправка, ќе биде поставена европска онлајн платформа со национални секции за да им помогне на потрошувачите да најдат локални продавници за поправка, продавачи на преработена стока, купувачи на неисправни предмети или иницијативи за поправка предводени од заедницата, како што се кафулињата за поправка.
Правилата имаат за цел да го зајакнат пазарот за поправки во ЕУ и да ги намалат трошоците за поправка за потрошувачите. Од производителите ќе се бара да обезбедат резервни делови и алатки по разумна цена и ќе им биде забрането да користат договорни клаузули, хардверски или софтверски техники кои ги попречуваат поправките.
Конкретно, тие не можат да спречат употреба на искористени или 3Д печатени резервни делови од независни сервисери, ниту пак можат да одбијат да поправат производ исклучиво од економски причини или затоа што претходно бил поправен од некој друг.
„За да ги направи поправките попристапни, секоја земја-членка ќе мора да спроведе барем една мерка за промовирање на поправки, како што се ваучери и средства за поправка, водење информативни кампањи, нудење курсеви за поправка или поддршка на простори за поправка предводени од заедницата“, рекоа од ЕП.
Откако Советот официјално ќе ја одобри директивата и ќе ја објави во Службениот весник на ЕУ, земјите-членки ќе имаат рок од 24 месеци да ја вклучат во националното законодавство.
„Правото на потрошувачот на поправка на производот сега ќе стане реалност. Ќе биде полесно и поевтино да се поправи наместо да купувате нови, скапи предмети. Ова е значајно достигнување за Парламентот и неговата посветеност за зајакнување на потрошувачите во борбата против климатските промени. Новиот закон ги продолжува правните гаранции за 12 месеци кога ќе одлучите да поправате, дава подобар пристап до резервните делови и обезбедува полесна, поевтина и побрза поправка“, рече известувачот, германскиот социјалдемократ Рене Репаси.
Според Европската комисија, предвременото депонирање на стоки за широка потрошувачка произведува 261 милион тони ЦО2 еквивалентни емисии, троши 30 милиони тони ресурси и генерира 35 милиони тони отпад во ЕУ секоја година.
Потрошувачите исто така губат околу 12 милијарди евра годишно со замена на стоки наместо да ги поправаат. Покрај тоа, новите правила се очекува да донесат 4,8 милијарди евра раст и инвестиции во ЕУ. Директивата ги надополнува другите нови правила на ЕУ за екодизајн и зајакнување на потрошувачите за зелената транзиција.