Одлуката ќе им дозволи на владите да бидат пофлексибилни кога станува збор за давање дозволи за лов на волци / Photo: Reuters

Советот на ЕУ донесе одлука во име на Европската унија да поднесе предлог за намалување на нивото на статусот на заштита на волците во Европа, односно за промена на нивниот статус од „строго заштитени видови на фауна“ на „заштитени видови на фауна“ во пресрет на 44-от состанок на Постојаниот комитет на Бернската конвенција.

Комитетот, кој ќе се состане во декември оваа година, е одговорен за проценка на статус на зачување на видовите.

Како што се тврди во соопштението на Советот на ЕУ, предложениот амандман ќе даде поголема флексибилност во решавањето на социо-економските предизвици кои произлегуваат од континуираното ширење на волците во Европа, но поволниот статус за зачувување на популацијата на волците во ЕУ ќе биде одржуван.

Предлог-амандманот, се додава, има за цел да ги стави волците на листата на заштитени видови, што значи дека нивната заштита мора да се обезбеди со соодветни и неопходни мерки.

„Секоја експлоатација на видот мора да ја држи популацијата на волци надвор од опасност и, меѓу другото, да ги почитува научните и еколошките барања“, се наведува во соопштението.

Статусот на зачувување на волците покажа позитивен тренд во последните неколку децении бидејќи проценетата популација на волци речиси се удвои за 10 години, од 11.193 во 2012 година на 20.300 во 2023 година.

Сега Комисијата ќе го достави овој предлог до секретаријатот на Бернската конвенција.

Секој амандман на Бернската конвенција мора да биде усвоен од две третини од нејзините договорни страни, додека измените на додатоците на конвенцијата стапуваат во сила три месеци по усвојувањето.

Промената на нивото на заштита нема да биде веднаш применлива во ЕУ.

Кога ќе стапи во сила амандманот на Унијата ќе ѝ се овозможи да ги измени соодветните анекси на Директивата за живеалишта, што е закон на ЕУ за имплементација на Бернската конвенција, со цел да се прилагоди нивото на заштита на волците во нејзиниот внатрешен правен поредок.

Советот ја донесе одлуката откако мнозинството амбасадори на земјите-членки на ЕУ во средата го поддржаа предлогот на Комисијата за намалување на нивото на статусот на заштита на волците во Европа, што претставуваше прв клучен чекор кон промена на постоечките правила на Бернската конвенција за заштита на европските диви видови и природни живеалишта.

Со намалување на статусот ќе им се дозволи на владите и регионите да бидат пофлексибилни кога станува збор за давање дозволи за лов на волци.

Бернската конвенција за заштита на европските диви видови и природни живеалишта е обврзувачки меѓународен правен инструмент во областа на заштитата на природата, кој го опфаќа природното наследство во Европа, како и во некои африкански земји.

Целта на конвенцијата е да се зачуваат дивите животни и растенија и нивните природни живеалишта, како и да се поттикне европската соработка на ова поле, а посебен акцент е ставен на потребата од заштита на загрозените живеалишта и чувствителните видови, вклучително и преселните видови.


TRT Balkan / агенции
Популарни