Моделот изграден од Плауд е највисоката градба од кибрит / Photo: Reuters

Французинот Ришар Плауд е носител на титулата Гинисов рекордер откако изгради Ајфелова кула од кибритчиња висока 7,2 метри, иако од Гинисовата книга на рекорди еден ден претходно го одбиле неговиот труд, поради користење на погрешни материјали.

Плауд рече дека бил на „емотивен ролеркостер“ оваа недела откако поминал 4.200 часа во текот на осум години на градење на моделот, составен од повеќе од 706.000 кибритчиња и 23 килограми лепак.

„Осум години секогаш мислев дека ја градам највисоката градба од кибрит“, изјави тој за Ројтерс.

Сепак, Гинисовата книга на рекорди првично му кажа дека не ги исполнува условите бидејќи не користел кибритчиња кои се „комерцијално достапни“.

Плауд прво користел комерцијални кибритчиња, отсекувајќи ја главата на секој од нив. Уморен од досадниот процес, тој го прашал производителот дали може да купи само дрвени кибритчиња без глава, што резултирало со отфрлање на неговиот модел.

„Навистина сме возбудени што можеме да го одобриме рекордот... среќни сме што признаваме дека бевме малку престроги за типот на кибритчиња потребни во овој обид, а обидот на Ричард е официјално неверојатен“, изјави Марк Мекинли, директор на службата за централни евиденции во ГКР.

TRT Balkan / агенции
Популарни