Победата на Канзас Сити Чифс над Сан Франциско 49-ки во неделата во Супербоул е најгледаната телевизиска програма во историјата на САД, според прелиминарните податоци објавени во понеделникот од аналитичката компанија Нилсен и телевизијата СиБиЕс (ЦБС).
Според СиБиЕС, која го пренесуваше натпреварот, Супербоул имал просечно 123,4 милиони гледачи на сите платформи, надминувајќи ја границата од 115,1 милиони за време на минатогодишниот Супербоул помеѓу Канзас Сити Чифс и Филаделфија Иглс.
СиБиЕс додаде дека 202,4 милиони луѓе гледале барем дел од натпреварот, соборувајќи го рекордот од 184 милиони, поставен исто така на последниот Супербоул.
Вкупно 120 милиони гледачи кои го гледале финалето на плеј-офот на професионалната лига на американски фудбал (НФЛ) на ЦБС е рекорд за една телевизиска станица.
Во бројот од 123,4 милиони гледачи се вклучени претплатници на преноси на Никелодеон, Унивижн, Парамоунт+, НФЛ+ итн.
Супербоул е врв на американската забавна програма која совршено го комбинира спортот со спектакуларни музички настапи и реклами кои не само во САД, туку и ширум светот се третираат како врвни можности за маркетинг. Една секунда рекламирање на Супербоул чини 233.000 долари, а големите компании и годинава ангажираа врвни акери за своите реклами- Ентони Хопкинс, Џенифер Анистон, Бен Афлек, Мет Дејмон, Џенифер Лопез и други.
Со години, полувремето на Супербоул е синоним за одличен музички спектакл. Пејачот Ашер на овогодинешниот концерт настапи со неколку од неговите најголеми хитови, а како негови гости настапија Алиша Кис и други музичари.
Сепак, шоуто го „украде“ во моментов најголемата музичка ѕвезда, Тејлор Свифт. Таа специјално од турнејата во Јапонија допатува во Лас Вегас за да го бодри своето момче Тревис Келси од Канзас Сити Чифс.
Илјадници фанови на Свифт се надеваа дека тој јавно ќе ја побара за жена, но тоа не се случи.