Анализата исто така нагласува дека на глобално ниво, секоја од изминатите 10 години била една од најтоплите 10 години досега

Минатата година беше најтопла досега и прва што го премина клучниот праг на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските температури, велат научниците.

Агенцијата на ЕУ за климатски промени Коперник ги потврди претходните проекции дека 2024 година беше најтоплата досега забележана на глобално ниво и прва календарска година во која просечната температура надмина 1,5 степени над прединдустриските нивоа.

Научниците рекоа дека климатските промени предизвикани од човекот се примарен двигател на рекордните температури, додека други фактори како што е временскиот феномен „Ел Нињо“ во Тихиот Океан, кој ги зголемува глобалните температури, исто така имаа влијание.

Анализата на Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство, Универзитетот во Источна Англија и Националниот центар за атмосферска наука, исто така, покажа дека 2024 година беше најтоплата досега и веројатно првата година што надмина 1,5 степени.

Експертите за клима велат дека само една година со просечна температура од еден и пол степени над прединдустриските нивоа не значи дека светот го достигнал тоа ниво на глобално затоплување, иако тие издадоа предупредувања за тоа колку е блиску сега.

Но рекордната топлина треба да биде повик за будење, со една година екстремни временски услови кои покажуваат колку е опасен животот со толку многу затоплување, рече еден експерт.

Правењето напори да се спречи затоплувањето на светот за повеќе од еден и пол степени над прединдустриските температури е една од клучните обврски на глобалниот Париски договор што земјите го договорија во 2015 година, во обид да ги спречат најопасните влијанија на климатските промени.

Анализата покажа дека глобалната просечна температура во 2024 година била 1,53 степени над просекот од 1850 до 1900 година, со маргина на грешка од плус или минус 0,08, што значи дека 2024 година е веројатно првата календарска година која надмина 1,5 степени.

Тоа беше, исто така, 11-та последователна година во кој температурата се изедначи или надмина еден степен над прединдустриските нивоа.

„Една година што надминува 1,5 степени Целзиусови над прединдустриската не значи прекршување на заштитната граница од Парискиот договор, за тоа би била потребна температура од најмалку 1,5 степени во просек во подолг период. Сепак, тоа покажува дека просторот за избегнување на надминувањето од еден и пол степен во подолг период сега е многу мала“, рече Колин Морис од Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство.

Според анализата на Коперник, се проценува дека температурите биле 1,6 степени над прединдустриските нивоа во 1850-1900 година и 0,12 над 2023 година, претходната најтопла година досега.

Тоа беше најтоплата година досега во Европа, со температури за 1,47 степени над просекот за референтниот период 1991-2020 година, покажуваат податоците.

Анализата исто така нагласува дека на глобално ниво, секоја од изминатите 10 години била една од најтоплите 10 години досега.

„Сега сме на работ да го преминеме нивото од 1,5 степен дефинирано во Парискиот договор, а просекот во последните две години е веќе над тоа ниво“, рече Саманта Бургес од Европскиот центар за прогнози за временски услови со среден опсег, кој го раководи Коперник.

„Високите температури заедно со рекордните глобални нивоа на водена пареа во атмосферата во 2024 година донесоа невидени топлотни бранови и обилни дождови, предизвикувајќи мизерија за милиони луѓе“, заклучи таа.

TRT Balkan / агенции
Популарни