Има пад од 73 отсто во популацијата на набљудуваните диви видови помеѓу 1970 и 2020 година, покажа Извештајот за состојбата на планетата на Свтескиот фонд (ВВФ- WWF) за 2024 година објавен во четвртокот, што водечката организација за зачувување на дивиот свет и загрозени видови го нарече „катастрофален“.
Индексот на жива планета (ЛПИ), кој ја следи состојбата на бројот на популација на дивите видови, вклучува скоро 35.000 популациски трендови за 5.495 видови од 1970 до 2020 година.
Најголем пад е забележан во слатководните екосистеми (85 проценти), потоа копнените (69 проценти) и морските (56 проценти).
Најголема закана за популациите на дивите видови е губењето и деградацијата на живеалиштата, за што како причина ВВФ го наведува човечкиот систем за храна, како и прекумерната експлоатација, инвазивните видови и болести.
„Климатските промени претставуваат дополнителна закана за популациите на диви видови во Латинска Америка и Карибите, каде што е забележан неверојатен просечен пад од 95 проценти“, нагласи ВВФ.
Организацијата објаснува дека намалената популација на диви видови може да биде ран показател за зголемен ризик од истребување и потенцијална загуба на здрави екосистеми.
„Кога екосистемите се оштетени, тие престануваат да ги обезбедуваат придобивките од кои зависиме- чист воздух, вода и здрава почва за храна и стануваат поранливи на критичните точки. Критичната точка се случува кога екосистемот е турнат над критичниот праг, што доведува до значајни и потенцијално неповратни промени“, истакнува ВВФ.
Пример за такви критични точки се потенцијалното исчезнување на амазонската прашума и масовното умирање на коралните гребени, а организацијата нагласува дека тие „имаат огромно влијание врз целата планета и можат да ја загрозат безбедноста на храната и приходите“.
Напори за зачувување
Благодарение на ефективните напори за зачувување, пишува ВВФ, некои популации се стабилизирале или се зголемиле, како што се планинските горили во планините Вирунга во Источна Африка, чиј број се зголемувал за околу три проценти годишно помеѓу 2010 и 2016 година, додека европските бизони биле вратени во централна Европа.
Сепак, организацијата верува дека изолираните успеси како овие не се доволни.
И покрај меѓународните договори за зачувување на природата, како што се Глобалната рамка за биолошка разновидност, Парискиот договор или целите за одржлив развој на Обединетите нации, извештајот за состојбата на планетата тврди дека националните обврски и ситуацијата на терен „се далеку од она што е потребно да се постигнат целите за 2030 година и да се избегнат опасните критични точки“.
„Во текот на следните пет години, ќе бидат потребни големи заеднички напори за решавање на двојната кризи на климатските промени и губењето на биолошката разновидност, бидејќи Земјата се приближува до опасните критични точки кои претставуваат сериозна закана за човештвото“, предупредува извештајот.