Серијата на ХБО „Сукцесија“ ја доби наградата Еми за најдобра драмска серија       Фото: АП

Серијата на ХБО „Сукцесија“ ја доби наградата Еми за најдобра драмска серија на 74-тата церемонија на најпознатите американски награди за телевизиска продукција што се одржа во Лос Анџелес, САД.

За најдобра мини серија е прогласена уште една продукција на ХБО, „Белиот лотос“. Ѕвездите на серијата, Џенифер Кулиџ и Мареј Бартлет, ја добија наградата за најдобра споредна женска улога и актер во мини серија.

Серијата „Тед Ласо“ во продукција на Епл ТВ+ втора година по ред ја доби наградата за најдобра хумористична серија, а нејзините главни ѕвезди Џејсон Судеикис и Брет Голдстајн по втор пат беа прогласени за најдобар актер во комедија и најдобра споредна улога во таа категорија.

Наградата за најдобра актерка во комедија ја доби Жан Смарт за улогата во серијата „Трикови“ („Hacks“), а Зендаја беше прогласена за најдобра актерка во драма за улогата во серијата „Еуфорија“.

Јужнокорејскиот актер Ли Јунг Џеј ја освои наградата Еми за најдобар актер во драма за улогата во глобално популарната серија „Игра со лигњи“. Хванг Донг-Хјук, кој ја продуцираше, напиша и режираше серијата „Игра со лигњи“, доби Еми за најдобар режисер на драмска серија.

Актерот од серијата „Сукцесија“, Метју Мекфадиен, ја доби наградата за најдобра споредна машка улога во драмска серија, додека Џулија Гарнер од драмата на Нетфликс, „Озарк“, ја освои наградата Еми за најдобра споредна женска улога.

AA
Популарни