Активистки за време на протестот против дипфејк видеата во август во Сеул / Photo: AFP

Јужнокорејските пратеници пред две недели усвоија закон со кој се криминализира поседувањето или гледањето сексуално експлицитни дипфејк слики и видеа, со санкции кои предвидуваат затворски и парични казни.

Во Јужна Кореја имаше негодување поради групните разговори на апликацијата Телеграм каде што беа креирани и широко споделувани сексуално експлицитни и нелегални дипфејк видеа и фотографии, што поттикна повици за построга казна.

Секој што купува, зачувува или гледа таков материјал може да се соочи со затворска казна до три години или парична казна до 30 милиони вони (22.600 долари), според законот.

Во моментов на сила е Законот за спречување на сексуално насилство и заштита на жртвите, според кој, правењето сексуално експлицитни дипфејкови со намера да се дистрибуираат е казниво со пет години затвор или парична казна од околу 38.000 долари.

Кога ќе стапи на сила новиот закон, максималната казна за ваквите кривични дела исто така ќе се зголеми на седум години без разлика на намерата.

Нацрт-законот сега ќе треба да го одобри претседателот Јун Сук Јеол за да биде донесен.

Јужнокорејската полиција досега постапила во повеќе од 800 случаи на дипфејк сексуални злосторства оваа година, објави во четвртокот новинската агенција Јонхап.

Тоа е огромен пораст во споредба со 156 случаи за цела 2021 година, кога за првпат беа собрани податоците за вакви дела. Повеќето жртви и сторителите се тинејџери, велат од полицијата.

На почетокот на овој месец, полицијата започна истрага против Телеграм која ќе испита дали апликацијата за размена на пораки била соучесник во дистрибуцијата на сексуално експлицитна дипфејк содржина.

Земјите ширум светот се борат со тоа како да одговорат на ширењето на дипфејк материјали.

Американскиот конгрес дебатира за неколку закони, вклучително и оној што ќе им овозможи на жртвите на ваков криминал да тужат, и друг што ќе го криминализира објавувањето на такви слики и ќе ги натера технолошките компании да ги отстранат.

Претходно оваа година, платформата за социјалните медиуми X ги блокираше корисниците да ја бараат Тејлор Свифт откако на социјалните мрежи се проширија дипфејк експлицитни слики на поп пејачката.


TRT Balkan / агенции
Популарни