Венеција почне да наплаќа влезници за еднодневните туристи, што е прв ваков случај во светот. Целта на овој потег на градските власти е да се намали притисокот врз древниот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам. Почнувајќи од четвртокот, посетителите кои доаѓаат во градот на еден ден ќе треба да купат билет од пет евра, кој ќе го контролираат инспекторите на клучните локации.
Минатата година 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други се слеваа во тесните улички на градот во текот на денот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.
Целта на воведувањето билети е да се поттикнат дневните туристи да доаѓаат во помалку фрекфентните периоди со цел да се обидат да се разредат најголемите гужви.
Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 „топ“ туристички денови во текот на 2024 година, главно за време на викендите од мај до јули. Дали ваквата мерка ќе даде резултати, внимателно ќе се следи и во другите туристички дестинации низ светот кои се борат да се справат со масовниот туризам.
Во Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, десетици илјади луѓе протестираа во саботата на Канарските острови барајќи ограничување на бројот на посетители на архипелагот.
Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша потегот како „експеримент, прв во светот, чија цел е да ја направи Венеција попогодна за живеење“.
Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.
УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.
Сепак, организацијата на ОН минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги како причини масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишува на климатските промени.