Билетите ќе се наплаќаат секоја сабота и недела до средината на јули, кога градот ќе одлучи дали ќе ја задржи таксата / Photo: Reuters

Во првите 11 дена од пробниот период, во кој на туристите во еднодневни тури им се наплаќа влез во градот, Венеција заработила речиси еден милион евра. Билетот чини 5 евра, а оние кои го немаат ризикуваат казна до 300 евра.

Таксата ќе се наплаќа до средината на јули, кога градот, кој прима околу 15 милиони туристи годишно, ќе одлучи дали да ја задржи.

Возење со гондола низ живописните венецијански канали е сон на многу љубители на патувањата. Иако градската управа сега наплаќа влез во самиот центар на градот, се чини дека дневнитетуристи не се откажале од тоа романтично искуство.

„Ние сме од Германија. И онака сме бомбардирани со даноци, па ова е само уште еден“, изјави Сем Солтани, турист од Германија.

„Па, види, c'est la vie, таков е животот“, рече Џиџи Цичирило, турист од САД.

Повеќе од 195.000 продадени билети резултирале со приход од над 975.000 евра.

Од градската управа велат дека донекаде ги надминале нивните очекувања.

Сепак, трошоците за воведување на таксата и воспоставување на системот за наплата на билети сѐ сепак повисоки од приходот.

„Ова не го правиме за собирање пари, туку за да го обесхрабриме дневниот туризам во деновите кога туризмот треба да се регулира“, објасни Соноре Микеле Зуин од Финансиската канцеларија на Венеција.

Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.

Масовниот туризам му носи голем приход на градот, но гужвите му создаваат и големи проблеми на локалното население. Приходот од надоместоците Градот планира да ги користи за одржување на патишта, канали и згради.

„Иднината значи привлекување млади луѓе, млади парови, млади семејства, деца кои имаат намера да живеат во Венеција. За тоа треба многу храброст. Храброст и потреба да се слушнат сите. Овој проект ќе ни овозможи да ја процениме ситуацијата. Слушнав приказни за многу експерименти, но ниту еден од нив не беше изводлив“, изјави Луиџи Бруњаро, градоначалник на Венеција.

Плаќањето на таксата моментално е во тест фаза. Челниците на градот допрва треба да донесат одлука дали ќе ја задржат таксата во иднина.

Таксата ќе се наплаќа речиси секоја сабота и недела до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.

Минатата година 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други се слеваа во тесните улички на градот во текот на денот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.

Целта на воведувањето билети е да се поттикнат дневните туристи да доаѓаат во помалку фрекфентните периоди со цел да се обидат да се разредат најголемите гужви.

Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.

УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.

Сепак, организацијата на ОН минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги како причини масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишува на климатските промени.

TRT Balkan / агенции
Популарни