Се проценува дека околу 15 милиони туристи пристигнуваат во Венеција секоја година / Photo: Reuters

Венеција сака да продолжи да наплаќа такса за туристите на еднодневно патување откако на крајот на неделава ќе заврши пробниот период на првата ваква програма во светот, пишува во петокот германската агенција ДПА.

Венеција има намера да ја земе предвид побарувачката и да ја удвои сегашната цена на таксата од пет на 10 евра при специјалната посета на италијанскиот град на јадранскиот брег, изјави за локалниот весник Микеле Зуин, градскиот советник задолжен за финансии.

Пробниот период кој опрфати 27 дена од викендите од крајот на април на градот му донесе повеќе од два милиони евра. Во некои денови евидентирани се и над 25.000 туристи кои платиле такса.

Во напис за весникот „Ил Газетино“, Зуин рече дека од 2025 година „основната рата“ ќе важи за еднодневните посетители во еден дел од годината. Сепак, за време на „критичните денови“ туристите ќе треба да платат максимална такса од 10 евра.

Градот не планира веднаш да објави официјален извештај по оваа сабота и недела.

Прво ќе се евалуираат собраните податоци. Во пробниот период, во периодот од 8:30 до 16 часот, се наплаќаше такса од пет евра. Посетителите можеа да добијат КЈУР код преку Интернет, кој служеше како доказ за плаќање.

Пред еден месец Зуин рече дека, сепак, трошоците за воведување на таксата и воспоставување на системот за наплата на билети сѐ сепак повисоки од приходот.

„Ова не го правиме за собирање пари, туку за да го обесхрабриме дневниот туризам во деновите кога туризмот треба да се регулира“, објасни Зуин.

Се проценува дека околу 15 милиони туристи пристигнуваат во Венеција секоја година, што го прави еден од најпосетуваните градови во светот. Масовниот туризам значи големи приходи за градскиот буџет, но предизвикува и значителни штети.

Минатата година 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други секојдневно се слеваа во тесните улички на градот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.

Целта на воведувањето билети е да се поттикнат дневните туристи да доаѓаат во помалку фрекфентните периоди со цел да се обидат да се разредат најголемите гужви.

Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.

УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.

Сепак, организацијата на ОН минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги како причини масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишува на климатските промени.


TRT Balkan / агенции
Популарни