Казни од 25 до 500 евра ќе бидат воведени за оние кои нема да ги почитуваат новите мерки / Photo: Reuters

Властите во Венеција планираат да го ограничат бројот на луѓе во туристичките групи на максимум 25 од минатиот четврток, во најновиот обид да го намалат влијанието на гужвата врз начинот на живот на градот во лагуната.

Локалните власти, исто така, ќе забранат користење на преносни звучници од страна на туристичките водичи за да „го гарантираат мирот на жителите на градот“ и да овозможат послободно движење на пешаците.

Казни од 25 до 500 евра ќе бидат воведени за оние кои нема да ги почитуваат новите мерки кои првично требаше да стапат на сила на почетокот на јуни, а беа одложени за почетокот на август.

Најновите ограничувања ќе важат за центарот на Венеција и островите Мурано, Бурано и Торчело.

Треба да се напомене дека во случај на туристички групи постојат бројни исклучоци од правилата. На пример: децата под две години не се бројат, а ограничувањата не важат за учениците и студентите кои пристигнуваат во Венеција на едукативна посета или се на студиско патување, истакнува Ројтерс.

Во април, Венеција стана првиот град во светот кој почна да наплаќа влез за туристи во центарот на градот, како дел од експериментот кој има за цел да ги одврати дневните патници да доаѓаат таму за време на најпрометните времиња.

Минатиот месец градските власти по завршување на пробниот период информираа дека Венеција во иднина ќе продолжи да наплаќа такса за туристите на еднодневно патување, но и дека ќе ја удвои сегашната цена на таксата од пет на 10 евра.

Пробниот период кој опрфати 27 дена од викендите од крајот на април на градот му донесе повеќе од два милиони евра. Во некои денови евидентирани се и над 25.000 туристи кои платиле такса.

Од градот велат дека од 2025 година „основната рата“ ќе важи за еднодневните посетители во еден дел од годината. Сепак, за време на „критичните денови“ туристите ќе треба да платат максимална такса од 10 евра.

Се проценува дека околу 15 милиони туристи пристигнуваат во Венеција секоја година, што го прави еден од најпосетуваните градови во светот. Масовниот туризам значи големи приходи за градскиот буџет, но предизвикува и значителни штети.

Минатата година 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други секојдневно се слеваа во тесните улички на градот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.

Целта на воведувањето билети е да се поттикнат дневните туристи да доаѓаат во помалку фрекфентните периоди со цел да се обидат да се разредат најголемите гужви.

Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.

УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.

Сепак, организацијата на ОН минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги како причини масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишува на климатските промени.


TRT Balkan / агенции
Популарни