Популарната серија „Круната“ ставена на пауза     Фото: Reuters

Популарната серија „Круната“ која се прикажува на стриминг платформата „Нетфликс“ во наредниот период ќе прави пауза со снимање од почит кон починатата кралица Елизабета Втора.

„Круната“ веќе четири сезони преку драмско дејство ги прикажува клучните настани од 70 годишното владеење на Елизабета Втора, почнувајќи од моментот кога нејзиниот чичко кралот Едвард Осми абдицира од британскиот трон, отворајќи го патот неговиот брат Џорџ Шести да стане крал, а негова наследничка да биде малата Елизабет која тогаш имала само 10 години.

Во досегашните четири сезони дејството стигна до драмата поврзана со принцезата Дајана, како и годините на владеење на „Челичната дама“, односно премиерката Маргарет Тачер.

Во пресрет на емитувањето на петтата сезона, продуцентите на „Круната“ изјавија дека привремено ќе биде сопрена продукцијата на претстојните шест епизоди кои треба да се прикажат на „Нетфликс“ во ноември, како и снимањето на епизодите од шестата сезона.

Во последната шеста сезона која е планирано да се емитува догодина ќе биде опфатена и приказната на младиот принц Вилијам и неговата идна сопруга принцезата Кејт Мидлтон, како и бракот на принцот Чарлс со неговата долгогодишна љубов Камила, поради која и се разведе со принцезата Дијана.

Креаторот на серијата Питер Морган своевремено изјави дека пред снимањето на „Круната“ бил анти-монархист, но како што навлегувал подлабоко во историјатот на кралицата, така добивал се поголема почит за службата и посветеноста на Елизабета Втора и прераснал во ројалист.

Сепак, кралското семејство не беше секогаш фан на серијата во која се прикажани многу интимни моменти од нивната приватност и семејните драми кои беа и се уште се главно „гориво“ за сториите кои ги објавуваат таблоидите.

TRT Balkan / агенции
Популарни