Технологијата за спречување на пандемијата со Ковид-19, наместо за првичната намена, се користела и за инвазивно следење и лоцирање на граѓани како директна злоупотреба на довербата од страна на властите во повеќе земји, открива истражувачкиот извештај на Асошиејтед прес (АП).
„Забележан си дека си учествувал во насилни дејствија во Ал Акса џамијата. За ова ќе одговараш“, гласи пораката од безбедносната израелска агенција Шин Бет што на арапски јазик му стигнала на Мажд Рамлави. Тој е 19 годишен жител на окупираниот Источен Ерусалим кој работи во кафуле.
„Тоа е како власта постојано да е со вас. Каде и да се движиш државата е со тебе преку телефонот“, вели Рамлави.
Порака со истата содржина била испратена од Шин Бет до уште стотина, повеќето од кои живеат или работат во областа и немаат никаква поврзаност со протестите. Агенцијата ги користела Ковид-19 апликациите за следење на граѓаните наместо употреба на техники на надзор.
„Тоа се правело сосема неповрзано со пандемијата со Ковид-19“, пишува во извештајот.
Апликациите имаа цел да ги предупредат граѓаните дали во нивна близина има заразени за да се заштитат за што доброволно ја споделуваа приватноста, во напорите да се совлада пандемијата која предизвика 6,7 милиони жртви и речиси ја уништи економијата.
Граѓаните воопшто не беа свесни дека властите може да ги употребуваат овие технологии и податоци за да попречат собир на активисти или патување кон збирните точки на протести, да вршат профилирање на малцинските групи и да го поврзат системот за јавно здравје со репресивните органи.
Според АП овие постапки не се исклучок во само една држава или град, посочувајќи дека се злоупотребувани „од Пекинг до окупираниот Источен Ерусалим, Хајдербард во Индија и австралиски Перт“.
Како кулминација на истражувањата и интервјуата во текот на една година, извештајот сугерира дека владите ги злоупотребиле овие алатки правејќи ги достапни за тајните и полициските служби без соодветна согласност од поединците кои се ставени „под лупа“.
„Секоја алатка која ја зголемува моќта на државата да следи поединци може да биде опасна. Штом ја стекнете тешко дека ќе престанете да ја употребувате“, вели Џон Скот Рејлтон главен истражувач од интернет надзорното тело „Граѓанска лабораторија“ (Citizen Lab) со седиште во Торонто.
Кина ги „хакираше“ протестите
Група на клиенти на банка сакаа да отидат во Женгжу главниот град на кинеската провинција Хенан демонстрирајќи затоа што не можат онлајн да пристапат до нивните банкарски сметки, за потоа да дознаат дека при полициска истрага им биле блокирани средства вредни над 5 милијарди евра.
Со „црвен код“ биле означени на првите контролни точки на кои им бил скениран здравствениот код иако домовите ги напуштиле по направен негативен тест за коронавирус.
Банкарскиот клиент Ксу Жиао, еден од тие кои планирал да протестира, изјави дека се сретнал со уште тројца други во подрумот на железничката станица во Женгжу, но биле спречени. Тие дознале преку групна порака дека уште стотици други се соочиле со слично искуство при обидот да стигнат до местото на протестот.
Разговорите на АП со дисидентите и активистите сугерираат дека Кина ќе продолжи да ги користи локалните здравствени кодови преку кои може сериозно да ја ограничи слободата на движење користејќи го јавното здравје како изговор за воспоставување општествена контрола.
Во извештајот се споменуваат и случаи на охрабрување од страна на Пекинг на локалните здравствени службеници да се поврзат со националните бази на податоци.
„Тоа е модел на владеење, базиран на филозофијата за зајакнување на општествената контрола преку технологијата. Засилен со употреба на здравствените апликации овој систем ќе се применува и без реална закана од Ковид-19, а ќе станува се помоќен и помоќен“, вели Јакиу Ванг искусен истражувач од Хјуман Рајтс Воч.
Приватноста во Индија
Технологиите што требаше да се борат против ширењето на коронавирусот, како што се препознавање лица и вештачка интелигенција, станаа многу популарни откако десничарската хинду националистичка партија Бхаратија Џаната (БЈП) на премиерот Нарендра Моди дојде на власт во 2014 година.
Земјата сега е на пат да ја воспостави една од најголемите светски мрежи за препознавање лица, вклучена во база на податоци што содржи фотографии, отпечатоци од прсти, полициски досиеја и други релевантни информации.
„Надзорот денес се поставува како технолошка лек за големите социјални проблеми во Индија, што нè доведе многу блиску до Кина. Нема закон. Нема заштитни мерки. И ова е општа намена распоредување на масовен надзор“, вели Апар Гупта, извршен директор на Фондацијата за слобода на Интернет со седиште во Њу Делхи.
„Надзорот базиран на технолошките пронајдоци денес се претставува како лек за сите општествени проблеми во Индија, што не води многу блиску до состојбата во Кина. Не се почитува правото, нема никакви гаранции и токму тоа е главната цел на вакво распоредување на масовно следење“, смета Гупта.
Случаите во Австралија и САД
Скор Морисон поранешниот конзервативен премиер на Австралија во двегодишниот период кога воведе строга гранична контрола себеси се назначи за министер во пет министерства. Едно од нив беше и Министерството за здравство. Апликацијата која се користеше праќаше известувања до корисниците доколку биле во непосредна близина на некој што е заразен со коронавирусот.
Освен што во случајот на Ник Мартин застреланиот шеф на моторџиската банда во Перт, полицијата ги искористила податоците од Кју-Ар (QR) кодовите на речиси 2.500 фанови кои биле присутни на трките во декември 2020 година. Според АП, во податоците се состоеле имиња, телефонски броеви и време на пристигнување.
Полицијата успеа да го расветли убиството со „старомодни“ методи без да се потпира на податоците од здравствените кодови. Но, секако ветувањето за почитување на приватноста кое го даде Марк Мегован, премиерот на Западна Австралија, беше прекршено. Тој на Фејсбук објави дека податоците од Ковид-19 алатките ќе им бидат достапни само на здравствените работници.
Федералната власт на САД исто така создаде сопствена алатка за надзор, која како што пренесува АП вклучува два договора од 2020 година вредни речиси 25 милиони американски долари со „Палантир Технолоџис“ компанијата за рударење на податоци и следење.
Групата за права на имигрантите „Праведни закони во иднина“ сподели документи кои тие ги прибавиле преку слободен пристап до информации од јавен карактер што открива како државни службеници размислувале како може да ги користат собраните податоци вон потребите за спречување на заразата.
„Ковид-19 ја забрза употребата на овие алатки и собраните податоци и тоа стана нормална пракса, па така се вклопува во наративот дека од сето ова придобивки имаат граѓаните“ вели Скот Рејлтон.
„Сега прашањето е дали сме способни да се соочиме со начинот на кој се користат овие податоци или ова е всушност новото нормално“.